Добивај вести на Viber
Во последните неколку дена очите на јавноста се свртени кон Босна и Херцеговина и социјалните немири што ја потресуваат оваа балканска држава. Но, според познавачите, незадоволството на граѓаните не е неочекувано.
Случаи на лоша приватизација, стечаи и неоправдано одлагање на продажбата - со ова од некогашните гиганти на индустријата во Босна и Херцеговина и брендови во некогашна Југославија не остана ништо.
Во Синдикатот на БиХ немаат прецизен податок за бројот на работници кои од почетокот на приватизацијата до денес останале без работа. Но се знае дека само минатата година заради затворања на различни претпријатија, 43.000 луѓе се нашле во евиденцијата за невработени.
Во Синдикатот на Република Српска велат дека приватизацијата затворила повеќе од 60.000 работни места. Над 7.000 во цела БиХ и натаму се неизвесни.
Бирач Зворник: Фабриката за алуминиум оксиди во 2001 година за 10 милиони конвертибилни марки (околу 5 милиони евра) ја купи инвестициската група Укио. Се обврзале да инвестираат 50 милиони КМ и да ги задржат сите работници. Меѓутоа, пари веќе нема за загубите на фабриката одамна надминаа 730 милиони КМ (365 милиони евра). Во април минатата година во Бирач беше прогласен стечај. Во неизвесност се работните места на 1.000 луѓе!
Нафтена индустрија РС: Акциите на претпријатијата Рафинерија за нафта АД Босански Брод, Петрол АД Бања Лука и Рафинеријата за масло Модрич беа продадени во 2007 година на руски Њефтгазинкор за 220 милиони КМ (околу 110 милиони евра). Властите во Република Српска се фалат со зделката иако станува збор за една од најнетранспарентните приватизации во БиХ. Со договорот купувачот најавил отпуштање на вработени.
ХидроградњаСараево:Од 2002 година федералната Агенција за приватизација три пати неуспешно се обидува да продаде 67% државен капитал во оваа фирма. Станува збор за проценета вредност од околу 70 милиони КМ (35 милиони евра). Неуспешен беше и последниот обид за продажба со непосредна спогодба, во декември 2012-та година. Во Хидроградња во тешка и неизвесна позиција се 811 работници.
Криваја Завидовиќи: Стечајот е прогласен во јули 2011-та година бидејќи загубите ја надминаа вредноста на капиталот (проценатата вредност во 2005 година беше 317,8 милиони КМ). Заради милионските побарувања од доверителите, на Криваја и се заканува и ликвидација. Во 2005 година овој комбинат со непосредна спогодба го купува Феримпекс од Завидовиќи за само 5 милиони КМ. Меѓутоа никогаш не ги испочитувале обврските од договорот. Отпуштени се околу 160 работници, а работните места остануваат неизвесни за уште околу илјада луѓе.
Железарница Зеница: Неприватизираниот дел од Желзарницата, кој во 1998 година не беше интересен за кувајтскиот инвеститор сопственик на компанијата што денес ќе прерасне во Арселор Митал, се дави во долгови од повеќе од 23 милиони КМ. Капиталот на Железарницата од 1999 до 2005 е намален за 515 милиони КМ (над 260 милиони евра). Од 700 работници, се смета дека околу 300 се вишок.
Полихем Тузла: Полската фирма Органик Трејд во 2004 година за 10,7 милиони КМ го купи некогашниот лидер во хемиската индустрија на БиХ. Ветија отворање на работни места и 70 милиони КМ инвестиции. Меѓутоа, Полихем е во стечај, околу 614 некогашни работници се на улица, а имотот на фабриката се продава како „старо железо“.
Алуминиум Мостар: Агенцијата за приватизација на Федерацијата БиХ има намера повторно да го понуди на продажба 88% од капиталот на Алуминиум. Се верува дека би можела да биде постигната цена од повеќе од 460 милиони КМ, колку што своевремено понуди конзорциумот Гленкор и Далекуводи Хрватска. Структурата на сопственоста втемелена на повоениот „национален концепт“ на поделба, во Алуминиум до сега без работа остави 900 Срби и Бошњаци.
Сокол Мостар: Од столбот на воената индустрија во некогашна Југославија останаа само „траги“, а наместо некогашните 6.000 работници, едвај 400 се уште се борат за правата од работниот однос во оваа фабрика. Никогаш формално не е докажано каква е улогата на консултантските ганеции кои во 1999 година посредуваа во продажбата на делови од „Сокол“.
Кладушница Велика Кладуша: Иако 61% од угостителско-туристичкото претпријатие со недвижности на атрактивни локации, во 90-тите години им припаднало на работниците и пензионерите по принципот на „приватизацијата на Марковиќ“, Агенцијата за приватизација во 1998 година го продава целиот имот на Кладушница, а најголемиот дел од акциите доспеваат во рацете на луѓе блиски на тогашната управа на фирмата!
Боснаплод Брчко: Долговите на некогашната перспективна фабрика од Брчко за преработка на овошје изнесуваат 20 милиони КМ и ја надминуваат вредноста на претпријатието. Во 2003 Босна плод ја купи Неџад Левиќ за 56.000 КМ, а фирмата ја доби евтино бидејќи ветил инвестиции и грижа за 80 вработени. Во март минатата година во Боснаплод е покренат стечај.
Б.А.