Штрајкот во Тетово ставен во мирување
Објавено во: Економија 11 Февруари, 2013
Од денеска вработените во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ го ставија во мирување генералниот штрајк, по добиените ветувања дека во текот на оваа недела ќе добијат една плата, а останатите две за декември и јануари во скоро време.
Директорот на претпријатието Ајет Мурати, информира дека по состаноците со претставниците од штрајкувачкиот одбор и со градоначалникот Сади Беџети се договориле на вработените до четврток да им исплатат една плата, а останатите за многу скоро. Според него, голем дел од работниците имаат подигнато и аванс.
- Апелирам до граѓаните да ги плаќаат сметките за вода и подигање на сметот што е главен извор на средства за ЈКП „Тетово“, изјави Мурати.
Тој посочи дека моменталната наплата на сметките од граѓаните изнесува околу 60 отсто, но оти процентот постојано се менува.
Претседателот на синдикатот при ЈКП „Тетово“, Хавзи Ризвани потенцира дека синдикалната организација, до минатиот петок не била вклучена во самоиницијативниот штрајк на сите работни единици на претпријатието. По вклучувањето, како што посочи, испратиле предупредување до директорот Мурати и во преговорите се вклучил и гранковиот синдикат по што било договорено штрајкот да биде ставен во мирување со обврска на работниците да им бидат исплатени трите заостанати плати со придонеси.