СИТЕ ПАРИ ОД ПРОФИТОТ ЌЕ ОДАТ ЗА ИНВЕСТИЦИИ ЗА МОДЕРНИ ПАЗАРИ - еве што ќе прави Скопски пазар со ланскиот профит
Објавено во: Економија 31 Мај, 2023 08:36
Оваа година дефинитивно нема да има дивиденда за акционерите на „Скопски пазар“. Таа одлука вчера ја потврди и Собранието на акционери на оваа наша домашна компанија.
Акционерското друштво „Скопски пазар“ објави како ќе ја распределува ланската добивка на износ од 1,7 милиони евра, и притоа дивиденда не се споменува, туку дека целиот овој профит ќе заврши во инвестициски вложувања. Тоа е Одлука донесена на редовното годишно Собрание на акционери, кое се одржало во текот на вчерашниот ден, а за кое компанијата извести преку Македонската берза.
„Добивката по оданочување, односно нето добивката по одсаночување остварена во 2022 година, на износ од 104.456.181 денар (1,69 милиони евра – н.з.),. Согласно годишната сметка и ревидираните финансиски извештаи, се распределува на следниов начин: За задржана добивка за инвестициски вложувања 104.456.181 денар“, се вели во одлуката.
Натаму, како што се додава во оваа објава до инвеститорската јавност, неискористените средства од добивката од 2021 година, а кои биле наменети за инвестициски вложувања и биле на сума од близу 750 илјади евра, ќе се прераспределат во акумулирана добивка.
Од компанијата во Образложението наведуваат дека парите што ќе се распределат во инвестициски вложувања за оваа година од ланската добивка, ќе служат за развојни цели, односно вложувања во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста.
Акционерите на вчерашното Собрание донеле и одлука за усвојување на годишната сметка за работењето, која говори дека компанијата лани имала вкупен приход од 6 милиони евра, додека расходите биле на ниво од 4,13 милиони евра.
Активата на компанијата, пак, е 47 милиони евра.
Инаку, политиката дека нема да се дели дивиденда Скопски пазар ја најави и во својот план за 2023 година, каде отворено беше кажано дека дивидената ќе почека една петолетка, а прво треба да се расчистат долгорочни, наследени кредити, и да се инвестира во компанијата, со цел да се подобри нејзината конкурентност.
Ова друштво, кое управува со 12 зелени пазари и 2.700 тезги, во објавените неодамна планови за оваа година, најави изградба на нов деловен комплекс со покриен пазар во скопско Драчево, на локација на постоечкиот пазар. Паралелно со ова компанијата ќе ги модернизира пазарите и деловниот простор низ Скопје со утврдена динамика. Во финансискиот план на друштвото за 2023 година е наведено дека приоритет и понатаму ќе се дава на враќање на наследени долгорочни кредити и на инвестициите. Заради тоа во овој момент друштвото не гледа предуслови за поделба на дивиденда на среден рок односно за пет години до сега.
Актуелни големи акционери во Скопски пазар се „Современ дом“ од Прилеп и скопската градежна компанија ЗСФ-КОМ. И двата акционери контролираат по 38,7 отсто од акциите со право на глас. Самиот Скопски пазар, пак, поседува 11,24 отсто како сопствени акции.
Н.Н.Ф.Можеби ќе ве интересира
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета




