СИТЕ ПОНУДИ НА ЕДНО МЕСТО - еве што ви спремија банките за да ја пребродите кризата
Објавено во: Финансии 03 Април, 2020
Како што и најавија, банките јавно ги објавија олеснетите услови за исплата на кредитните обврски на граѓаните.
Речиси сите банкарски институции нудат шестмесечен грејс период, односно сите клиенти ќе добијат толкав перид на одложување на кредитните обврски.
Она што крена најмногу бура во јавноста, е фактот што банките сепак ќе ја пресметуваат каматата додека трае грејс периодот, бидејќи, како што велат оттаму, во тој период е неопходно да остваруваат приходи, а во спротивно ќе мораат да влезат во загуби, што понатаму би ја ограничило нивната можност за кредитирање.
Сепак, банките даваат олеснети услови за отплаќање на каматата, со цел тој товар да не падне одеднаш врз граѓаните.
На своите веб страници речиси сите банки ги наведоа новите олеснети услови за граѓаните. Само исклучително мал број банки се уште ги немаат објавено новините, но се очекува тоа да го сторат во најбрз можен период.
Фактор ги собра на едно место понудите од речиси сите банки објавени на нивните интернет страници и ги објавува за своите читатели. Ги наведуваме условите само за граѓаните, иако банките имаат прецизни препораки и за компаниите што се нивни клиенти.
Еве што всушност ви нудат банките.
УНИБанка соопшти дека во услови на отежната можност за плаќање на кредитните рати, им излегува во пресрет на сите свои клиенти кои се соочуваат со финансиски проблеми. Како одговорна компанија насочена секогаш кон потребите на клиентите, банката им нуди на сите физички лица корисници на кредитен производ шестмесечен грејс период, во кој практично нема да ги плаќаат достасаните кредитни рати. Можноста се однесува за сите типови кредитни продукти, односно за потрошувачките, станбените и хипотекарни кредити како и поволности за кредитните картички и дозволеното пречекорување односно дозволениот минус на трансакциската сметка.
Можност за одложување на плаќањето во рок од шест месеци добиваат сите клиенти со функционални кредити.
За кредитите кои имааат точно определни месечни рати на отплата какви што се потрошувачките, станбените и хипотекарни кредити се нуди грејс период од шест месеци, во кој клиентите нема да плаќаат ниту главница ниту камата, а првата следна рата (ануитет) ќе доспее по 10 октомври 2020 година.
Друг важен услов е дека по грејс периодот нема да се зголемува ратата, а ќе се задржи сегашната висина, односно ќе се пролонгира крајниот рок на важност на договорот.
Шестмесечен грејс период е даден и за кредитните картички, а во тој период имателите на картички нема да треба да плаќаат ништо од искористениот кредитен лимит, односно нема да достасува месечен износ за плаќање. Ако до 30 октомври достасува рокот на користење на картичката тој ќе биде продолжен за нови 12 месеци, а во грејс периодот банката единствено ќе пресметува и ќе наплатува камата. Од УНИБанка известуваат и дека одобрениот лимит за дозволеното пречекорување нема да се намалува до 30 септември годинава, без оглед дали на сметкатата има редовен месечен прилив.
Клиентите на банката кои сакаат да ја одбијат понудата треба да ја изестат УНИБанка во рок од десет дена. Тие кои нема да ја одбијат автоматски ја прифаќаат.
И НЛБ Банка објави дека банката презема посебни мерки за поддршка на сите свои клиенти физички лица, преку посебни услови за олеснување на отплатата на сите кредитни изложености. Понудата, велат, се однесува на сите физички лица-клиенти на Банката, вклучително и пензионери), кои имаат кредитни изложености кои на 29 февруари годинава се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В, и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.
За одложување за плаќање на месечни обврски, од банката одобруваат одложена наплата на обврските за кредитот (главница, камата и останати обврски, кои се вкалкулирани во месечниот ануитет) во период до шест месеци, а најдоцна до 30 септември 2020 година. Во овој период нема да се врши доспевање на ануитети за кредитот. Клиентот ќе продолжи со редовна отплата на кредитните обврски по 30 септември, согласно нов амортизационен план кој ќе биде изработен од страна на Банката. Крајниот рок на отплата на кредитот се продолжува за период до шест месеци.
За цело времетраење на периодот на одложена наплата, Банката ќе пресметува камата по каматна стапка предвидена во Договорот за кредит. Наплатата на каматата од периодот на одложена наплата ќе започне по ставање на кредитот во редовна отплата и таа ќе биде распределена во периодот до целосна исплата на кредитот.
За времетраење на периодот на одложено
плаќање, трајниот налог за наплата на обврските по кредитот ќе биде ставен во
мирување. Доколку кредиот се отплатува со административна забрана, за
одложувањето на кредитните обврски, клиентот треба да го извести својот
работодавач, со цел административната забрана од плата да се стави во мирување
за времетраење на периодот на одложена наплата на кредитните обврски, за што и
Банката може дополнително да достави известување до работодавачот.
Доколку за време на перидот на одложено
плаќање клиентот изврши уплата или уплати на кредитната партија, тие ќе се евидентираат како примени аванси во тек
на периодот на одложено плаќање. По истек на тој период, за сите примени аванси НЛБ Банка ќе постапи согласно
Договорот за кредит.
По евидентирање на сите промени на кредитната партија, Банката ќе изготви
нов амортизационен план за отплата на кредитот и почнувајќи од први октомври ќе продолжи со редовното достасување на
ануитети по кредитот. Доколку корисникот на кредитот, во текот на периодот на
одложена наплата изврши целосна отплата на кредитот, се применуваат одредбите
предвидени во Договорот за кредит.
Се одложува и отплатата на месечните обврски за кредитни картички за период до шест месеци, најдоцна до 30 септември годинава. Во овој период, износот на месечниот минимум за плаќање кај револвинг картичките ќе изнесува 0 отсто од искористениот кредитен лимит на крајот од месецот, додека кај картичките со опција за плаќање на рати, во овој период Банката нема да врши доспевање на рати.За времетраење на периодот на одложена наплата на кредитните обврски, Банката ќе пресметува редовна камата, провизии и членарини согласно одредбите предвидени во Договорот за користење на кредитна картичка, но во овој период истите нема да ги наплаќа. Нивната наплата ќе се изврши по 30 септември, односно тие ќе се наплатат еднократно кај револвинг картичките, додека кај картичките со отплата на рати ќе се наплаќаат со одложување до шест месеци.
Кога станува збор за дозволениот минус, рокот на користење на дозволеното пречекорување банката автоматски го продолжува до 30 септември.Одобрениот износ на дозволено пречекорување останува непроменет.Во периодот од први април до 30 септември, банката ќе пресметува и наплатува камата и надоместоци согласно одредбите предвидени во Договорот за дозволено пречекорување.
Својата понуда до клиентите ја објави и Охридска банка. Јавната понуда е наменета за клиентите на Банката - физички лица, кои користат кредитни производи и имаат кредитна изложеност во Банката со класификација, А, Б, В и немаат статус на нефункционална изложеност, заклучно со 29 февруари годинава.
Понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски се однесува за период од шест месеци, почнувајќи од први април се до 30 септември годинава.
На клиентите кои ќе ја прифатат понудата за одложување на кредитните обврски, за целото времетраење на одложувањето, ќе им се пресметува редовна камата.По истекот на периодот на одложување, пресметаната камата ќе биде договорно регулирана. Истовремено кредитите ќе бидат автоматски продолжени за дополнителни шест месеци без склучување на Анекс/Договор и ќе бидат правно валидни. Правното дејство на автоматското продолжување на кредитите ќе има важност и на целокупната договорна пропратна документација, сите нотарски исправи и обезбедувања, и тоа без склучување на нови договори/анекси како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.
Клиентите ќе добијат нови амортизациони планови по завршување на периодот на одложување, пресметани од први април до 30 септември.
Трајните налози и административната забрана за време на периодот на одложување на кредитните обврски, пресметани од први април до 30 септември (рати и камати) ќе бидат стопирани, за што е потребно клиентите чии кредитни обврски се сервисираат преку административна забрана за наплата да ги известат своите работодавачи да ги стават во мирување.
Воедно, клиентите кои имаат достасани обврски заклучно со 31 март годинава, пожелно е во текот на периодот на мирување да ги подмират достасаните обврски со цел намалување на долгот и деновите на доцнење.
Понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски по кредитни картички се однесува на кредитниот лимит за период од шест месеци, почнувајќи од први април се до 30 септември. Во задолжителниот процент од 5 отсто за плаќање, ќе достасува единствено каматата по основ на обврските за кредитни картички и ќе продолжи да се наплатува месечно, а секоја уплата на главница во текот на наведениот период ќе се намалува долгот по кредитниот лимит на картичката. Одобрените, а неискористени лимити остануваат на располагање на клиентите за користење.
Понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски по пречекорувања на трансакциска сметка, се однесува на лимитот на пречекорување, кој останува непроменет за период од шест месеци, почнувајќи од први април се до 30 септември. Каматата по основ на обврски за пречекорувања на трансакциска сметка ќе продолжи да се наплатува месечно, како и сите останати обврски согласно Договорите, а секоја дополнителна уплата во текот на наведениот период ќе го намалува долгот по лимитот на пречекорувањето.
Оваа понуда важи 10 дена од денот на објавување и ќе се смета за прифатена доколку клиентот не ја извести Банката дека ја одбива заклучно со 10 април. Независно од типот и обемот на кредитни производи кои клиентот ги користи од Банката, понудата има подеднаква важност за сите задолжености на клиентот. Клиентите кои сакаат да продолжат со редовно сервисирање на своите обврски, треба за тоа да ја известат Банката преку меил адресата креирана за оваа намена retail.covid19@ob.com.mk , најдоцна во рок од 10 дена од објавувањето на понудата. Во спротивно ќе се смета дека истата ја прифаќаат. Клиентите кои ја прифаќаат понудата, не треба да ја известат Банката. Доколку клиентите немаат можност електронски да достават информација дека не ја прифаќаат понудата, ќе биде потребно во рокот предвиден за известување да ја посетат најблиската експозитура.
И ХАЛКБАНК се огласи со понуда до сите свои клиенти – физички лица кои имаат кредитна изложеност во Банката со класификација А, Б и В редовни на датум 29 февруари 2020 година.
Понудата се однесува на сите клиенти на Банката физички лица кои немаат нефункционална изложеност и истата опфаќа одлагање на отплатата на сите кредитни обврски (кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања на трансакциска сметка) за период од шест месеци и продолжување на рокот на крајното достасување за дополнителни шест месеци. Клиенти кои имаат кредитна изложеност во Банката со класификација А, Б и В редовни на датум 29 февруари, се клиентите кои по која било основа немаат ненаплатени кредитни обврски подолго од 90 дена на датум 29 февруари.
Контактирајте ја Банката само доколку сакате да продолжите со плаќање со претходно договорената динамика и не сакате одложување, односно не ја прифаќате понудата. Доколку клиентот не ја контактира Банката во следните 10 дена за да се изјасни со негативен одговор за оваа понуда, истата се смета дека е прифатена и добива одложување на обврските без потпишување на анекси и доаѓање во Банката. Доколку клиентот има повеќе кредитни задолжувања, (доколку користи повеќе кредитни производи) истиот се стекнува со право за одлагање на ратите/каматите за секој производ.
Редовната камата која ќе биде пресметана за одложениот период ќе биде доспеана на крајот на грејс периодот и истата ќе биде договорно регулирана.
Трајните налози за подмирување на кредитните обврски ќе се деактивираат и нема да прават резервација на средства на трансакциска сметка, освен за клиентите кои што ќе ја информираат Банката дека нема да ја прифатат оваа понуда.
Овaa мерка на Халкбанк е во важност до 30 септември 2020 година и со барање во овој рок, клиентот може да ја смени првичната одлука за прифаќање/не прифаќање на понудата и дополнително да се изјасни за тоа дали сака да биде вклучен во користење на мерките или пак да излезе од истите и да се врати на редовна отплата.
Истата одлука ќе се примени и за пензионерите со образложение дека иако пензиите ќе бидат исплаќани без застој индиректно се засегнати преку членови на нивните семејства. Молиме за членовите од семејствата да помогнат во информирање на Банката доколку пензионерите-членови на нивните семејства сакаат да продолжат со редовна отплата и не се во можност тоа да го направат самите.
Доколку како клиент на Банката сакате да продолжите со својата отплата на кредитните обврски без престанок и измени, потребно е да нè известите за истото најдоцна до 05 април 2020 година со праќање на мејл порака до Covid19@halkbank.mk или со повик или мејл до матичната филијала.
И Стопанска банка Битола ги објави олеснетите услови за клиентите физички лица.
Банката нуди можност за одлагање на отплатата на изложеностите по основ на кредити за период од шест месеци и продолжување на рокот на крајно доспевање за дополнителни шест месеци.
Банката месечно ќе пресметува евидентната камата, која по завршување на грејс периодот ќе се капитализира и ќе влезе во амортизациониот план на отплата.
Погоре наведените поволности важат за сите кредитни изложености на правни и физички лица класифицирани во категории на ризик А, Б и В согласно Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, кои ги имаат помирено доспеаните обврски кон банката со датум 29 февруари годинава.
Доколку должникот – физичко лице, во рок од 10 дена од приемот на понудатане ја извести Банката писмено или електронски дека ја одбива понудата, се смета дека понудата е прифатена.Оваа мерка ќе биде со важност до 30 септември 2020 година и со барање во овој рок клиентот може да ја смени првичната одлука за прифаќање или одбивање на понудата и дополнително да се изјасни за тоа дали сака да биде вклучен во користење на мерките или да излезе, со што ќе се врати на редовна отплата.
Сите заинтересирани клиенти можат своите барaња да ги доставуваат на контакт , Е-пошта: stbbt@stbbt.mk или преку архивата на Банката.
И Комерцијална банка веднаш излезе со понудата, нагласувајќи на својата веб страна дека овозможува шест месеци грејс период за корисниците на кредити, кредитни картички и за дозволеното пречекорување.
Комерцијална банка одобрува грејс период од шестмесеци за кредитните производи на физички лица, пролонгирање на крајниот рок на отплата на кредитите за шест месеци, како и автоматско продолжување на рокот за користење на дозволеното пречекорување до 30 септември 2020 година (без намалување на одобрениот износ и без оглед дали на сметката стасува редовен месечен прилив). Јавната понуда се однесува на сите физички лица-клиенти на Банката кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања, кои на 29 февруари годинава се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на сомнителни и спорни побарувања (нефункционални), односно во своето досегашно работење со Банката не доцнеле подолго од 90 дена при отплата на обврските. Сите физички лица на кои се однесува Понудата, се замолуваат детално да ја разгледаат Понуда на следниот линк и да одлучат дали истата ја прифаќаат или одбиваат: https://www.kb.com.mk/Default.aspx?sel=2370&lang=1&uc=1
До Банката треба да се обратат електронски или писмено исклучиво физичките лица кои ја одбиваат понудата, најдоцна до 09 април годинава до 16.00 часот. За лицата кои ја прифаќаат понудата истата автоматски ќе се имплементира, без потреба од контакт со Банката.
Бидејќи оваа криза носи негативни влијанија кои ќе ги погодат сите, Комерцијална банка ќе овозможи олеснувања и за оние клиенти-физички лица кои и пред почетокот на кризата имале проблеми со отплатата на обврските, односно лицата кои на 29 февруари 2020 година биле класифицирани во категорија на ризик В (нефункционални), Г и Д. Моделот на олеснувања за оваа група на клиенти сѐ уште се изработува, а јавноста наскоро ќе биде известена и за тие мерки, наведуваат од Комерцијална банка на својата веб странива.
На својата интернет страница и Стопанска банка Скопје ги објави условите.
Понудата која помага да се надминат финансиските ефекти од корона-кризата е валидна за физички лица кои одржуваат постојани деловни односи со Банката.
Клиентите физички лица, со понудата добиваат шест месеци одложено плаќање за сите обврски доспеани од 29 февруари годинава по основ на сите кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување заклучно со 30 септември 2020 година.
Банката ги повикува сите клиенти детално да ја проучат понудата и да постапат согласно дадените насоки. Клиентите кои ја прифаќаат понудата не треба да се обратат до Банката а доколку клиентите не сакаат да ја прифатат понудата потребно е да се обратат до Банката најдоцна до 10 април до 23:59 часот преку covid19@stb.com.mk.
Банката апелира клиентите кои ќе продолжат да бидат во можност да ги отплаќаат своите месечни обврски, така и да постапат. Со тоа всушност помагаат, економските мерки од сите банки и од државата да имаат ефект за погодените субјекти, и дотолку повеќе, помагаат за побрзо опоравување на економијата по кризата.
Од финансиски аспект, Банката е подготвена да ги апсорбира ефектите од економските мерки и да го надмине 6 месечниот период, но и се подготвува по надминување на пандемијата, Банката уште еднаш да застане покрај стопанствениците и населението со современи банкарски услуги и производи.
И ТТК Банка ја објави понудата за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица.Со понудата клиентите добиваат можност за одложено плаќање на обврските по кредити, кредитни картички, дозволено пречекорување за период од шест месеци заклучно со 30 септември 2020 година.
Понудата е наменета за клиентите на Банката – физички лица, кои користат кредитни производи (кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања) кои на 29 февруари годинава се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.
Условите се одложување на плаќањето на месечните ануитети и провизии по кредитот за период од шест месеци, од април до септември 2020 година; пролонгирање на крајниот рок на отплата на кредитот за шес) месеци; во периодот на одложување Банката ќе пресметува редовна камата во согласностсо важечките каматни стапки. По истекот на периодот наодложување од шест месеци, пресметаната каматасо останатите обврски во согласност со Договорот за кредит рамномерно ќе се распоредат за наплата во согласност со новиот амортизационен план кој ќе важи од октомври 2020 година.
За кредитните картички важи следново: одложување на отплатата на месечните обврски за период од шест месеци, до 30 септември 2020 година. Во овој период, износот на месечниот минимум за плаќање ќе изнесува 0 отсто од искористениот кредитен лимит на крајот одмесецот; за времетраење на периодот на одложена наплата, Банката ќе пресметува редовна камата, провизии и членарини согласно одредбите предвидени во Договорот за користење на кредитна картичка, но во овој период истите нема да ги наплаќа. Наплатата на камата, провизии и членарини пресметани во периодот на одложена наплата ќе се изврши по 30 септември; сите уплати на сметката на кредитната картичка извршени во периодот на одложување, ќе се евидентираат како приливи на сметката и ќе бидат на располагање на корисникот за користење со картичката.
За минусите, пак, ќе важи автоматско обновување на одобрениот износ на дозволеното пречекорување чиј рок на важност истекува до 30 септември 2020 година при што одобрениот износ останува непроменет без разлика дали на сметката пристигнува редовен месечен прилив, a со примена на редовните одредби предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволеното пречекорување; во периодот од први април 2020 до 30 септември 2020 година, Банката ќе пресметува и наплатува камата и надоместоци согласно одредбите предвидени во Договорот за дозволено пречекорување.
Олеснети услови има и во Шпаркасе Банка Македонија има
понуда на свои услови.
Понудата која се однесува за физичките
лица корисници на кредитни производи и кредитни картички, со
класификација на категорија на кредитен ризик А, Б и В и кои немаат статус на
нефункционална изложеност на 29 февруари 2020 година им овозможува грејс период за
отплата од шест месеци, заклучно со 30 септември
годинава и продолжување на рокот на отплата на кредитот за шест месеци.
И Прокредит банка објави дека со цел полесно надминување на негативните ефекти донеле одлука за одложување на наплатата на кредитни обврски за сите физички лица кои имаат потреба од таква поддршка во следните 3 до 6 месеци.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.