„Скарбо“ од Јадранка Владова се враќа во нашите библиотеки

Објавено во: Мои пари 20 Април, 2024 12:32
Двете култни, но „подзагубени“ збирки раскази на Јадранка Владова – „Скарбо во мојот двор“ и „Воден знак“, конечно се вратија во рацете на читателите. Во издание на „Арс Ламина“ од печат излегоа спакувани во една, нова книга, со наслов „Скарбо“, која беше промовирана вчера (19 април), во Салата за состаноци на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во присуство на семејството, пријателите, колегите и студентите, во лирски, емотивен амбиент, со доза хумор, носталгија и многу љубов и почит кон значајната македонска универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (20.4.1956 – 11.12.2004), се осврнаа Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.
-Од друга страна, преобјавувањето на двете збирки (од страна на „Арс Ламина“), односно укинувањето на нивното „отсуство“ во домашната издавачка понуда, не е и укинување на необичното, нејасното, таинственото... туку сосем обратното – нивно долгоочекувано подвлекување... Скарбо е џуџе од личната митологија на Алојзиус Бертран, од „Гаспар Ноќникот“, кое се крие, живее и ненадејно влегува и излегува во и од расказите на Јадранка Владова. Авторката го презема овој лик од Бертран, но не целосно туку со интертекстуална ексклузија, со исклучување, т.е. со адаптација и приспособување на неговиот ликов, книжевен профил… Поврзаноста на Владова со Алојзиус Бертран е една од највозбудливите врски во современата македонска книжевност. Таа е многу повеќе од постмодернистичка опсесија, многу повеќе од интертекстуално адресирање, многу повеќе од омаж и скриен интерпретативен клуч; таа е показ не само на една автентична раскажувачка поетика туку и на едно смело авторско фрлање во најдлабоките води на својата омилена (на извесен начин и судена, предодредена!) книга и синхроно пливање и натпливување и со нејзиниот автор и со внимателно одбраниот лик од неговото единствено дело. Главно со нив (со Бертран и со Скарбо), но и не само со нив, зашто пливањето и натпливувањето на Владова во „Скарбо во мојот двор“ и во „Воден знак“ е пливање и натпливување и со сопствената книжевна лектира и со себеси, и тоа истовремено и низводно (со леснотија) и спротиводно, со голем личен внес и влог – подвлекува Ќорвезироска.
-На „Скарбо“ гледам како на албум на реставрирани семејни фотографиии. Албум во кој весело и џагорливо се збило мноштво лица – не само таткото и мајката на авторката, не само комшиите и дуќанџиите од Старата чаршија, туку и Алојзиус Бертран, Тарковски, Достоевски, Кафка, Црњански, Булгаков, Модиљани, па и еден куп непознати (а сепак препознатливи) народни песнопојци и раскажувачи. Всушност, овде се прибрале сите оние што Јадранка, тоа емотивно, топло и сочувствително перо, некогаш ги видело, ги слушнало, ги читало и ги љубело. Впрочем, само длабоко и искрено вљубен читател/ка, како неа, можел да напише писма, елегии, оди, пофалби, тажаленки, па и записи и интерпретации на соништата за книгите и за авторите што ја оставиле будна „до зори со распарталавено срце“. Зборот „подзаборавени“ што го употребив погоре, секако, треба да се земе со голема резерва, зашто во текот на овие години делото на Јадранка го читаа и за него пишуваа нејзините критичари, следбеници и пријатели, како Јасна Котеска, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Лидија Капушевска-Дракулевска.... Прераната смрт на еден човек е трагична загуба за неговите блиски. Прераната смрт на авторот, пак, е сурова ампутација на сите негови идни дела. Со неговото заминување, она што ќе го напишел останува само неостварена можност, само навестување, само трага на маргините од она што стигнал да го напише во тој краток миг што го имал на земјава. Го живееме ли ние тој миг, или само го сонуваме? Или и двете? Залулана на Големото Дрво, Јадранка Владова потпевнува приспивни песнички со затворена уста. Од очите ѝ капат познати зборови. Скарбо спие, спие сета Стара чаршија. Будна е само нејзината љубов. Јадранка веќе дваесет години е мртва, но ние не ѝ веруваме. Во она што го напишала секогаш одново го наоѓаме и она што допрва ќе го напишеше – рече Баковска во својот емотивен говор.
Новата книга е дел од добропознатата и наградувана едицијата на „Арс Ламина“ – „Македонски книжевни класици“, во рамките на која се реобјавени капитални дела од најзначајните македонски книжевни великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре Бакески, Катица Ќулавкова и други.
Јадранка Владова е родена во Скопје на 20 април 1956 година. На Филолошкиот факултет во Скопје ги предавала предметите светска литература и литература за деца. Нејзини најзначајни дела се: „Скарбо во мојот двор“, „Воден знак“, романот „Исток – Запад“ – во соавторство со Небојша Кнежевиќ, драмата „Куќа“, критичката книга „Волшебноста на зборот“ (за возрасни); „Измислување на светот“, „Мојот пријател А.“, „Девојчето со две имиња“, „Гледалото зад огледалото“, „Деца како мене“ – во соавторство со фотографот Владимир Тодоров (за деца); Учебник по македонски јазик за I година гимназија (ПЕКСНАС), Македонско-чешки речник (со група чешки соработници), Основи на демократијата за I одделение, Пристап кон лирската песна за основното образование, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение и други. Почина во Скопје на 11 декември 2004 година.
По академското претставување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, издавачката куќа „Арс Ламина“ за пошироката публика ќе ја промовира книгата „Скарбо“ на Саемот на книгата, денеска (20 април, сабота), кога се одбележува денот на раѓањето на Владова.
Можеби ќе ве интересира
НОВОМАТИКМАКЕДОНИЈА ОДЛИЧЕН ПРИМЕР ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ

ЕЛЕНА ЛУКА во Софија добитник на престижната интернационална награда BEST BUSINESS AWARD

Промотивна фиксна камата од 2,9 отсто со новиот потрошувачки кредит на Иуте

Антонио Велковски: Готвачот „Ајде да јадеме“ изобилува со вкусни и здрави посни оброци за секој ден

ЦЕФТА ја отвора вратата за раст на туристичкиот сектор во регионот

Битолчани селектираа преку 1 милион пластични шишиња и лименки во текот на 2024 година
Аnanаs повторно доминира – 7 награди на E- commerce Awards 2024!

Рокас: Одржливиот туризам значително го зголемува потенцијалот за развој на земјата

Рокот за пријавување на зелени и одржливи проекти за конкурсот ,,{ЗАЕДНО} до зелени идеи“ на dm истекува на 21 март
