„Со 15 отсто активни камери за 24 часа илјадници прекршоци за недозволена брзина“: Тошковски за системот со камери
Објавено во: Македонија 07 Септември, 2024
Годишно губиме 120 млади луѓе во сообраќајки. Мораме да го имплементираме системот на камери за да спасиме животи.
Ова го кажа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во телевизиско гостување во емисијата „За или против" на прашањето до каде е системот на камери за снимање на сообраќајни прекршоци низ Скопје.
Истакна дека иако има постојано нови аспекти кои се појавуваат во системот и кои мора да се дефинираат пред да биде пуштен, тој мора да биде пуштен наскоро бидејќи буквално ќе спасува животи.
- Оние кои што претходно го менаџирале процесот на техничка и законска имплементација, не воделе грижа како ќе се заокружи цел процес, од самото сликање-евидентирање на прекршокот, па се до наплата на истиот.
Ако при тест периодот утврдивме дека со 15 отсто активни камери за период од 24 часа имаме илјадници констатирани прекршоци за недозволена брзина, замислете колку ќе имаме со 100 проценти имплементирани камери и кој ќе ги процесуира овие постапки - истакна Тошковски.
Сепак додаде дека работат деноноќно на решавање на сите проблематични аспекти и дополни дека системот мора да се имплементира бидејќи има многу жртви во сообраќајот.
- Ако се погледнат бројките, еве 2017 година сме имале 149 жртви, 2018 - 129 жртви, 2019- 126. Ние годишно губиме повеќе од 120 граѓани, најчесто млади луѓе. Мораме да го имплементираме овој систем во делот на сообраќајните прекршоци за да спасиме животи.
Овие бројки нема да бидат вакви кога граѓаните ќе знаат дека секој еден престап ќе биде снимен и соодветно казнет. На овој проект сум посветен лично и мораме да го имплементираме како што треба, да спасиме човечки животи - потенцираше министерот Тошковски.