СОЛИДАРНИОТ ДАНОК СЕ ВРАТИ ВО СОБРАНИЕ – Државата не се откажува од зголемениот данок, еве колку пари ќе собере од него
Објавено во: Финансии 19 Јули, 2023
Компаниите кои оствариле поголем приход во текот на минатата година сепак нема да куртулат од плаќање повисок данок. Во Собрание поворно е доставен Законот за данок на солидарност, кој овој пат се предлага да се носи по скратена постапка.
Законот „бранува“ во јавноста изминативе месеци, особено од моментот кога Владата најави дека планира да ги даночи компаниите со поголеми приходи, но жалбите се зголемија кога закнот беше доставен во Собрението.
Иако неодамна овој закон беше повлечен, сега повторно е во „игра“. Но, што велат одредбите од предлог законот доставен до пратениците.
- Со цел полесно справување со последиците од кризата, Владата донесе сет мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и на компаниите, преку субвенции, социјална заштита, даночни ослободувања и финансиска поддршка на домашните енергетски компании. Во услови на криза, дисторзијата на пазарот е неминовна. Од една страна се социјално загрозените категории на граѓани кои тешко ја поднесуваат ценовната и енергетската криза, а од друга страна се определен број на компании кои како резултат на таа криза остварија значително зголемени приходи. Придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании кои оствариле вишок профит поради неочекувани околности пропорционално да придонесат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар. Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат т.н. данок на екстра профит (Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија) – стои во образложението на овој закон.
Предлагачите, посочуваат дека со законот се „преземаат активности за воведување на данок кој што ќе има солидарна функција и преку кој ќе се обезбедат финансиски средства кој во целост ќе се користат за финансирање на Програма за мерки за справување со кризата“.
Како што беше објавено и при првиот обид за носење на законот, обврска за плаќање на „солидарниот“ данок ќе имаат компании кои во 2022 година оствариле приход поголем од 615.000.000 денари.
- Предлог на законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. Даночната основа за пресметување наданокот за солидарност претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврден во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година или просечниот износ на даночната основа по намалување за 2021 и 2022 година и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20 отсто. Во случај на статусни промени се предвидува повисок процент на зголемување на просечниот износ на даночната основа за претходните даночни периоди, односно 30 проценти – се наведува во решението доставено повторно во Собрание.
Наведените обврзници, на претходно спомената основа ќе имаа обврска да платат данок за солидарност во 2023 година по стапка од 30 проценти. Имено, истите ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот „ДБ-ДС - Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“ и да го платат данокот за солидарност во рок од 30 дена од истекот на рокот на неговото поднесување.
Владата планира со овој данок во Буџетот да собере скоро пет милијарди денари односно 76,4 милиони евра.
- Спроведувањето на Предлогот на закон за данок за солидарност ќе предизвика позитивни фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија во износ од околу 4,7 милијарди денари – пишува во законот.
Фактор на темата солидарен данок и претходно известуваше, меѓу другото пишувавме за деталите од законот, но и колкави глоби беа предвидени, кои остануваат исти како и со претходното законско решени.
Компаниите кои ќе имаат обврска да го платата новиот данок, имаат рок да ја утврдат даночната основа најдоцна до 25 септември, а да го уплатат солидарниот данок во период од 30 дена од тој рок, односно до 25 октомври.
Деталите за оние кои сакаат да знаат повеќе на овој линк.
П.О.