Советникот за енергетика на Заев и Ковачевски ненадејно стана директор во ЕСМ
Објавено во: Економија 12 Октомври, 2023
Виктор Андонов. советникот за енергетика во кабинетот на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, како и на поранешниот Зоран Заев, ненадејно е назначен за директор за развој и инвестиции на АД ЕСМ. Одлуката е донесена на 9 октомври, а Андонов доаѓа на местото на Благој Гајдарџиски.
Андонов исто така беше советник на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, а откако е во Владата, како и претходно, работи на спроведување на проектот „Чебрен“.
Андонов ни изјави дека со оваа одлука повеќе нема да биде советник во Владата и дека, освен Чебрен, ќе работи на, како што вели, повеќе други амбициозни проекти, меѓу кои тој најавува и пловечки фотонапонски централи на вештачките езера.
- Енергетската криза ни покажа дека акцент треба да се стави на инвестициите, бидејќи зголеменото производство на електрична енергија ќе ни донесе стабилност на среден и долг рок. Еден од клучните проекти кој ќе биде во фокусот е ХЕЦ Чебрен, кој после две децении неуспешни тендерски постапки конечно се заврши позитивно, преку заедничко вложување со грчката ППЦ и Архиродрон. Фокус ќе биде ставен на развојните проекти во Битола, фотонапонски електрани од над 200 MW, дистрибутивен систем за греење на соларна енергија, нова комбинирана гасна електрана во РЕК Битола и завршувањр на топловодот до Битола и развој на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Битола. Изградба на втората соларна електрана во Осломеј, како и инвестициски активности за нова гасна електрана во ТЕЦ Неготино. Ќе се работи и на развој на пловечки фотонапонски електрани на постојните вештачки акумулации, вели Андонов.
Во меѓувреме реагираа од комисијата за енергетика на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека во назначувањето на Андонов има судир на интереси и дека тој сака да си обезбеди сигурен просперитет и откако, како што гласи соопштението, ќе дојде до промена на власта.
Инаку Андонов во изминатите пет години, како советник за енергетика Анѓушев, Заев и Ковачевски, учестуваше и во спроведувањето на енергетските реформи со донесувањето на новиот Закон за енергетика, во процедурата за воведување на доделување на премиум тарифи за фотонапонски централи, изработката на Стратегијата за развој на енергетиката, а за време на енергетската криза беше и портпарол на кризниот штаб.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.