Спасовски за синот на Назим Буши: Ќе има одговорност за тој што направил прекршок
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2022
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР денеска ќе излезе со, како што вели тој, факти за скандалите во кој се нашол синот на заменик-министерот Назим Буши.
Спасовски рече дека главно тоа што се пласирало во медиумите се шпекулации и дека вистинските моменти ќе ги појасни МВР.
- Одговорност ќе има за тој што направил прекршок. Тука, нема дилема, кој сака нека е. Дали е министер, дали е директор, дали е обичен граѓанин. За секој еден ако направил прекршок.
Помладиот Буши во петокот бегал од полициски патроли, а откако бил сопрен, полицајците пријавиле дека автомобилот е владин и во државна сопственост по што возачот е пуштен на Качанички пат.
Следната вест во низа е дека е објавена фотографија од автомобилот на синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши од пролетта кога беше ограбена фабриката за марихуана во стечај, „5 леттерс“ во Крушево.