СПОРТОТ НА ЧЕКАЊЕ: Теретаните и базените под клуч, губи дејноста, трпи здравјето
Објавено во: Македонија 11 Јуни, 2020
Сопствениците на фитнес сали, теретани, базени бараат што побрзо отворање на овие објекти поради тоа што нивната дејност е доста погодена од затворањето. Владата го остави отворањето на спортските центри, базените и фитнес центрите за третата фаза од олабавуавањето на рестрикциите по препорака на Комисијата за заразни болести, но засега се уште не е јасно кога тие ќе бидат отворени. Нов лош сигнал е растот на бројот на новозаболени, па се верува дека теретаните нема да работат можеби и до крајот на јуни. Дел од нив за Фактор велат дека има простор за отворање со почитување на безбедносни пртоколи и мерки за заштита исто како што тоа се прави во сите земји од регионот, но и во поразвиените земји каде веќе се отворија овие објекти. Тврдат дека не сакаат да ја релативизираат болеста и опасноста, но дека согласно препораки спортските објекти треба да бидат отворени. До Агенцијата за млади и спорт и други надлежни институции веќе испратиле предлог протокол за организирање на работата. Директорот на Агенцијата за Фактор вели дека сите нивни барања се земаат предвид и дека се сака да им се излезе во пресрет.
ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ ВО РЕГУЛИРАНИ УСЛОВИ
Надица Костадиновски, менаџер на Синерџи фитнес вели дека нивната дејност меѓу првите беше погодена од кризата која ја предизвика коронавирусот, но дека сега е јасно оти физичката активност под строго регулирани услови не само што е потребна, туку и неопходна за правилно функционирање на општеството.
„Согласно сите изјави на компетентните лица, вирусот нема туку така да го снема, едноставно ние ќе мораме да најдеме начин да фунционираме во секој сегмент на нашето секојдневие со вирусот околу нас. А спортските активности, за голем дел од популацијата, се доста значаен сегмент од тоа секојдневие. Можеби и најзначаен. Верувам дека во скоро време ќе добиеме одобрение и соодветен протокол како би можеле да продолжиме со нашата дејност, вели Костадиновски за Фактор.
Смета дека oд друга страна, станува збор за еден сектор кој тотално е запрен и
не може да функционира по никаков основ.
Од Бодибилдинг и Фитнес федерацијата (ББФФМ) за Фактор велат дека веќе се обратиле до сите надлежни институции и здравствените, но и спортските но немаат одговор
„Сведоци сме на целосно укинување на полицискиот час на територијата на целата држава. Отварање и почеток со работа на големите трговски центри кои се од затворен карактер, каде има голем број на продавници и каде има голема маса и фреквенција на луѓе во текот на целиот ден. Започна да функционира градскиот превоз, а автобусите кои се исто така затворен карактер се собираат и возат голем број на граѓани. Во меѓувреме теретаните започнаа да работат во нашето опкружување, во соседните држави како Србија, Бугарија, Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, дури и во Италија каде знаеме какви беа состојбите со корона кризата. Во Унгарија тие не ни запреа со работа, работеа по утврдени протоколи за цело време на кризата. Свесни сме дека се наоѓаме во една ново настаната состојба која на сите ќе ни го измени погледот на светот, начинот на функционирање и работење. Свесни сме дека сега, кога и да е од порано дисциплината е услов за справување со ситуацијата. Ние како одговорна држава мораме да изнајдеме начин, протокол, правилник за да им се дозволи на сите граѓани можност да работат, функционираат и живеат, вели Бобан Ѓороски, претседател на ББФФМ.
Ѓороски додава дека на 6-ти Мај до сите надлежни институции доставиле Предлог мерки за спречување на ширење на заразата, како основа за изработка на Протокол за повторно работење на фитнес центрите и теретаните во државата. Мерките се реалност по кој сите соседни земји во регионот и во Европа дозволија повторно отварање на теретаните.
„Навлегуваме во 4-тиот месец каде повеќе од 300 субјекти останаа под клуч и се соочуваме со можноста да бројка од минимум 1500 луѓе останат без работа. Во моментов мал процент на нелојална конкуренција не ја почитува забраната и работи под клуч, што е допоонително отежнување на било која инспекциска служба да направи контрола. Со носење на Протокол за работа и со дозволување на старт за работење, контролите од страна на надлежните инспекциски служби ќе бидат полесни и жирењето на заразата ќе е под контрола, вели Ѓороски.
Тој додава дека многу е поголема веројатноста заболен човек да посети маркет и трговски центар, отколку да оди на тренинг во теретана. Во Македонија има околу 300 теретани со околу 1.000 вработени, а кои постојат со години.
ЕДЕН ВЕЖБАЧ НА 10 МЕТРИ
Во федерацијата веќе имаат предлог мерки како да се организира работата на теретаните но досега тие не се усвоени ккао официјални пртоколи. Меѓу предложенит емерки за заштита се на влезот во теретаната да има бариера за дезинфекција на обувките и на рацете. Сите вработени да носат заштитни маски и заштитини ракавици во текот на своето работно време поминати во теретаната, а корисниците на услугите да носат и користат сопствени пешкири и други средства за лична хигиена. Сите кои вежбаат да закажуваат термин однапред, а внатре задолжително да се почитува препораката за одржување на растијание помеѓу корисницит - максимум 10 членови на 100 метри квадратни односно 10 метри квадратни по вежбач, но и да се осигура ратојание од 2 метри за време на вежбањето. Опремата, справите и реквизитите за вежбање мораат да се дезинфицираат после секоја нивна употреба.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски за Фактор вели дека е во постојан контакт со Комисијата за заразни болести и дека се прави проценка за тоа како ќе се организира работата на фитнес салите и другите спортови. . Вели дека сепак треба да се има предвид дека има и доста новозаболени.
„Некаде околу 20 јуни е реален датум, но треба да почекаме. Се подготвуваат протоколите во однос на тоа колку луѓе може да вежбаат во исто време на колкаво растојание, има некои предлози, но се уште не се дефинирани. Ако се прашувам јас можеби би рекол дека спортските центри треба да се отворат веднаш, но ние треба да бидеме внимателни, трезвени и да внимаваме на здравјето. Сепак фитнес центрите ќе се отворат пред екипните спортови, вели Каевски.
ПОДГОТОВКА ЗА ДРУГИТЕ СПОРТОВИ, БАЗЕНИТЕ ЗАТВОРЕНИ
Директорот на Спортскиот центар Борис Трајковски, Александар Петровски за Фактор вели дека почнале со подготовка на содржините во комплексот. Вели дека мора да се вратат вработените на работа и дека согласно препораките центарот треба набрзо да се отвори.
„Во изминативе три недели правевме подготовка, интензивно чистење за да ја подигнеме на ниво хигиената, се спроведува чистење и целосна дезинфекција на целиот комплекс. Здравјето на нашите корисници како и досега е наш приоритет, вели Петровски.
Мартин Стефановски претседател на Aqua pro swimming academy за Фактор вели дека научно е докажано дека пливањето е еден од најздравите спортови и дека со тоа што сме последна држава во регионот, а можеби во Европа со затворени спортски објекти заостануваме на професионален и репрезентативен план.
„Спортистите немаат можност да се подготвуваат во соодветни услови, особено пливачите затоа што ниеден тренинг не може да го замени тренингот во вода. Пливањето делува позитивно како на физичкото така и на психолошкото здравје, па се до социјалниот аспект од животот. Придонесува за јакнење на карактерот, самодовербата, успех на останатите полиња - училиште, работа... Физичката активност влијае на намалување на стресот, затоа е важно да се спортува и да се отворат сите спортски објекти не само базените. Од друга страна пливачките клубови се финансираат исклучиво преку членарини, било какви мерки за отпочнување со намален капацитет, би бил обратно пропорционален од економски исплатлив за да се покријат трошоците на спортистите и спортските работници, вели Стефановски.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.