Добивај вести на Viber
На листата на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО, на предлог на Србија, наскоро треба да се најдат и српското оро, „крсната“ домашна слава, како и Ѓурѓовденската молитва. Националната листа на Србија содржи вкупно 21 номинација кои бара да се најдат на репрезентативната листа на Светската организација.
Српското оро треба да се најде на листата веќе следната 2015 година.
„За него има многубројни имиња. Ги има повеќе од 200 за еден ист танцувачки модел, најчесто следен со 2/4-ски такт со различна мелодија. Таа игра симетрично е распоредена по просторот и се игра речиси два века на нашите простори“, вели професорката Оливера Васиќ од Катедрата за етномузикологија на Факултетот за музички уметности во Белград.
Комитетот на УНЕСКО се состанува еднаш годишно за да ги оцени номинации поднесени од земјите-потписнички на Конвенцијата за нематеријално културно наследство од 2003 година и да одлучи дали предложените културни практики и изрази да ги впише во листата на светско наследство.
На
Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото се наоѓаат културни традиции и обичаи кои помагаат да се прикаже разновидноста и да се подигне свеста за важноста на овој тип на наследство. Во 2008 на листата беа ставени 90 вакви елементи, а во периодот од 2009 до 2013 година се впишани уште 192.
На посебната
листа на нематеријално културно наследство на кое му е потребна итна заштита, се наоѓаат елементи за кои постои загриженост и се потребни итни мерки за да се одржат во живот и да се продолжи нивната традиција. Внесувањето во листата помага да се мобилизира меѓународна финансиска поддршка за да се преземат мерки што ќе ги одржат во живот овие традиции, а во периодот од 2009 до 2013 година на оваа листа биле внесени 35 вакви елементи.
На листата на УНЕСКО се шпанското фламенко, турското кафе, италијанските виолини произведени во Кремона. Најактивна на листата од регионот е Хрватска со дури 13 елементи регистрирани на листата на нематеријално културно наследство и еден елемент на листата на културно наследство на кое му треба итна заштита - начинот на пеење „Ојкање“ кој се практикува во Далмација.
Само еден настан на листата на нематеријално културно наследство од Македонија
Од Македонија на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО има само еден настан - одбележувањето на Св. Четириесет маченици во Штип. Овој настан во евиденцијата за заштита на УНЕСКО е влезен во 2013 година.
Се одбележува секоја година на 22 март. Во процедура е и барањето на Македонија на листата на УНЕСКО да се регистрира и орото „Копачката“ од с. Драмче, Пијанечко.
Со поддршка Србија, Хрватска, Турција, Молдавија и Романија, Македонија неодамна поднела кандидатура да го евидентира и одбележувањето на Ѓурѓовден и Ѓурѓовденската молитва, како обичај кој содржи и многу предхристијански елементи кои се задржале.
Б.А.