Средбата потврдена - Пендаровски на заедничка маса со Макрон
Објавено во: Македонија 05 Ноември, 2019
Претседателот Стево Пендаровски дефинитивно ќе се сретне со францускиот шеф на државата Емануел Макрон.
Ова за Фактор го потврдија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Средбата ќе се одржи за време на посетата на претседателот Пендаровски на Париз, на 12 ноември, велат од кабинетот.
Се очекува на средбата шефот на македонската држава да дознае нешто повеќе за француската идеја како земјава да ги надмине препреките на патот кон Европската унија.
Шефот на државава Стево Пендаровски следната недела ќе престојува во Франција каде што ќе учествува на Парискиот мировен форум, на кој ќе биде и францускиот претседател Емануел Макрон.
Претседателот Пендаровски вчера изјави дека се прават напори да се добие средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република. Истакна дека дипломатијата продолжува со евроинтеграциите и дека фокусот е Франција.
„Правиме усилби практично од првиот ден, практично веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон и со луѓето околу него што точно побаруваат од нас и да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека во наредниот период треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит пред се Франција.
Пендаровски во Париз ќе престојува на 11,12 и 13 ноември, а на Форумот, на кој се очекуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, обраќање ќе има на 12 ноември.