Средства за поплавените се делат партиски, обвини СДСМ
Објавено во: Македонија 24 Септември, 2016
СДСМ излезе со сериозни обвинувања дека парите и средствата наменети за помош на поплавените подрачја се распоредуваат по партиска линија и дека се трошат без план, на места на кои не е потребно и не се решаваат приоритетните проблеми.
- Поминаа 45 дена од поплавите кои го зафатија овој дел од Скопје и нанесоа голема материјатлна штета на повеќе од 6000 домаќинства. До денес, еднократна помош добиле само 3003 лица што е помалку од 50 % од вкупниот број на домаќинства кои уредно пријавиле штета, посочи Борче Георгиевски, претседател на ОО СДСМ Гази Баба.
Голем проблем СДСМ посочи и за реконструкцијата на патната инфраструктура во погодениот регион на Скопје.
-Од друга страна, постојат сериозни индиции дека јавните ресурси се злоупотребени за партиски цели. Таков е примерот со најавеното асфалтирање на улиците во поплавените подрачја кое започна пред 5 дена. И сами може да се уверите дека механизацијата стои, а извршено е асфалтирање на пет улици кои немаат никакво оштетување од поплавите, вели Георгиевски.
СДСМ бара поголема одговорност во трошењето на народните пари за помош на настраданите и да се надмине овој пат партиската припадност за да му се помогне на секој на кој тоа му е неопходно, наместо да има злоупотреби и манипулации.