СРЕЌНА НОВА ГОДИНА БЕЗ ПОСЕТА НА ТОКСИКОЛОГИЈА: Проф. д-р Андон Чибишев за Фактор
Објавено во: Македонија 31 Декември, 2024
Новогодишната ноќ е време на радост, славење и опуштање, но
за некои оваа прослава
завршува со непријатни здравствени проблеми. Прекумерното консумирање на
алкохол и храна е честа појава, која не само што може да го расипе дочекот,
туку и да доведе до сериозни последици по здравјето.
За разлика од Македонија, клиниките и болниците ширум светот бележат значителен пораст на пациенти токму на оваа ноќ, најчесто поради труење со алкохол, прејадување или комбинирани компликации. Ова е феномен кој со секоја година се повторува, заради што, по совети на лекарите прославата мора да биде умерена за да се избегнат несаканите последици.
Точни и сеопфатни статистички податоци за бројот на лица хоспитализирани поради препивање и прејадување токму за време на новогодишната ноќ во Европа се ограничени. Сепак, достапните информации укажуваат на значителен пораст на ваквите случаи за време на празничниот период.
Според податоци од британската Националната здравствена служба (NHS), за време на новогодишните празници, бројот на хоспитализации поврзани со алкохол се зголемува за околу 50% во споредба со остатокот од годината. На пример, во новогодишната ноќ 2018-2019 година, NHS регистрираше над 2.200 посети на итни служби поврзани со алкохол.
Истражувања во Германија, пак, покажуваат дека за време на новогодишната ноќ, бројот на случаи на акутно труење со алкохол се зголемува за околу 30% во споредба со другите периоди. На пример, во 2017 година, германските болници пријавија над 1.500 случаи на алкохолно труење за време на новогодишните празници.
И покрај глобалниот тренд на зголемен број случаи на труење со алкохол и прејадување за време на празниците, во нашата земја ваквите случаи се во опаѓање. Благодарение на редовните апели од стручната јавност и медиумите кои тоа го пренесуваат, граѓаните сè повеќе се охрабруваат да бидат умерени за време на празничните прослави.
За тоа колку сме подготвени за претстојната новогодишна ноќ и како граѓаните ја прифаќаат пораката за одговорност, говори директорот на Клиниката за токсикологија, проф. д-р Андон Чибишев.
„Во последните години забележуваме намалување на бројот на пациенти кои бараат помош поради алкохолно труење на новогодишната ноќ, за што голема заслуга имаат и медиумите кои редовно ги пренесуваат нашите совети. Граѓаните се свесни за важноста на умереноста, и тоа се гледа во намалениот број сериозни случаи.
Сепак, новогодишната ноќ останува повод за радост и веселба, со трпези полни со храна и пијалаци. За среќа, само мал број граѓани завршуваат кај нас поради компликации од прејадување или прекумерно консумирање алкохол. Најчесто, пациентите се од сите возрасти, но нивниот број е значително помал во споредба со претходните години. Главно поминуваат со стандардна терапија и брзо се враќаат дома.
Клиниката за токсикологија е целосно подготвена за новогодишната ноќ. Нашата дежурна екипа е составена од тројца лекари – специјалист и двајца специјализанти, кои имаат доволно искуство и знаат како да се справат со сите предизвици. Верувам дека изјавата што ќе ја дадам на 1 јануари 2025 година ќе биде во позитивен контекст, со уште помал број случаи на кои сме морале да им помогнеме, изјави за Фактор проф. д-р Чибишев.“
Што се однесува пак до прејадувањето кое е честа појава за време на празниците, директни хоспитализации само поради консумирање поголемо количество храна се поретки. Сепак, комбинацијата на прекумерно јадење и пиење може да доведе до гастроинтестинални проблеми, панкреатитис или други компликации кои бараат медицинска интервенција.
Во оваа насока, здравствените работници и оваа година апелираат до граѓаните умереноста да биде најважниот дел од празничните прослави. Со внимателност во консумирањето на храна и алкохол, да уживаме во радоста на новогодишната ноќ без несакани последици по здравјето.
Анита Буховски