Стоилковиќ објави фотографии: Министерско БМВ од 60.000 евра „размонтирано“ на сервис
Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2025
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Сотилковиќ, објави фотографии од БМВ-то кое му припаѓало на Министерството за политички систем, вредело 60.000 евра, но било „демонтирано“ на сервис, каде било пронајдено.
Тој претходно посочи дека возило џип БМВ вредно 60 илјади евра било пронајдено во многу лоша состојба во сервис за поправка каде од него биле вадени делови и истите биле користени за потребите на сервисот.
-Најновата злоупотреба која пред некој ден е откриена а тоа е возилото џипот БМВ кое е во сопственост на Министерството е најдено во поприлично лоша состојба во еден од сервисите во кое се вршело порано поправката на возилото на Министерството. Тука веќе е ангажирано Министерството за внатрешни работи. Не сакаме да го подигнеме. Бараме записници, нема записници како е предадено, а сведоците велат дека е предадено во нормална состојба. Тој џип е вреден 50-60 илјади евра. Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа можам да пренесам дека сега личи на „очерупена кокошка“. Јавноста кога ќе ги види сликите ќе процени како може еден сериозно скап автомобил од Министерството да биде оставено на милост и немилост на сервис каде се извадени вратите, извадени се делови од него, рече Стоилковиќ.
Возилото е оставено во сервис и не е подигнато. А сервисот си постапувал согласно потребите кои му биле на дневен ред. Стоилковиќ најави истрага за овој случај.