Стојковски: ЈСП побара помош од финансиска полиција и УЈП
Објавено во: Македонија 03 Декември, 2022
Александар Стојковски, вршител на должноста директор на ЈСП, во денешното интервју за МИА потврди дека јавното сообраќајно претпријатие на приватните превозници им должи 90 милиони денари, но како што вели тој, и тие имаат неисполнети обврски за возврат.
За да се расчистат меѓусебните обврски, ЈСП побарало помош од Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи. Приватните превозници во меѓувреме продолжуваат со протестите и вчера беа поставени 200 автобуси во должината на булеварот „Илинденска“.
– Со моето стапување на функцијата пред шест месеци во ЈСП, имаше долг кон приватните превозници. Во моето тековно работење, сите доспеани фактури што ни беа доставени од приватните превозници, се редовни исплаќани. Се работи за заостанат долг, којшто ние сакавме тековно пополека да го затвориме. Последната уплата е на 8 ноември. Последниот период направивме анализа, што мислам дека е обврска на секој директор кога ќе дојде да направи комплетна функционална и финансиска анализа на работењето на едно претпријатие. Дојдовме до сознанија дека последните пет години приватните превозници не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа е нивна обврска којашто е договорена односно јасен е член 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници. Искрено жалам зашто тие не постапувале последните години по тој член, што јасно го доведува во прашање финансиското работење на ЈСП и нашите обврски кон нивното исплаќање. За таа цел, побаравме помош од Финансиската полиција и од Управата за јавни приходи, за да можат комплетно да направат анализа на Договорот со којшто сме договорени ЈСП и приватните превозници, вели Стојкосвки.
Според Стојковски, долгот од 90 милиони денари кон приватните превозници е создаван тековно низ подолг временски период.
– Тоа е тековен долг, нема направено анализа од кога е наследен, сигурно се наталожувал. Со моето доаѓање, долгот којшто го наследив можам да се пофалам дека не е зголемен, во исти рамки е. Притоа морам да напоменам дека без оглед на оваа финансиска тешка состојба, нивните фактури коишто доаѓаа последните шест месеци се со зголемена вредност, бидејќи начинот на пресметка на еден километар зависи од трошоците на нафта. Мора да забележам дека врз одлуката од линиски превоз од Град Скопје се дава ексклузивитет на работењето на приватните превозници, додава тој.
Дали имате информација колкава е сумата на долгот, тие тврдат дека е 90 милиони денари?
– Истата сума е, 90 милиони денари, како дојдов од прв ден на мојата функција до денес и одговорно тврдам дека последната исплата е направена на 8 ноември. Во тој момент ја добивме и комплетната листа каде што секој треба да си ги почитува своите права и обврски. Нашата обврска дека тоа ќе биде платено, го ветуваме, но сакаме прво да ги видиме нивните обврски коишто требало да ги спроведат, а не ги направиле последните пет години.
Освен тоа, за какви други злоупотреби од приватните превозници станува збор?
– Финансиската импликација којашто ја има последниве пет години се појавува кај двата превозника. Можам да го издвојам „Макекспрес“ за неисполнување на нивните обврски со квалитет на испорачана услуга. Прекинот на раскинување на тој договор настана бидејќи на неколкупати им беше укажувано дека доколку не го подобрат квалитетот, односно со одлука на Град Скопје, паднат под 80 проценти реализација, нивниот договор ќе биде раскинат. На неколкупати, преговарања и предупредувања, кај нив се појавуваше константно, дури и намалување на квалитетот на испорачаната услуга.
За каков квалитет станува збор? Дали е престрога мерката за укинување на договорот? Како би го коментирале ова?
– Приватните превозници прво склучуваат договорот со Град Скопје, а потоа ние склучуваме договор одвоен со превозниците. Град Скопје го дефинира квалитетот на услугата, а ние ги дефинираме начинот на наплата и начинот на функционирање на тарифниот модел, GPS-от, валидациите, тоа е во домен на ЈСП Скопје. Се работи за сосема два различни договори. Град Скопје го раскинал договорот поради неисполнување на квалитетот односно обврските којшто приватниот превозник треба да ги понуди.