Стружанец обвинет за учество во интернет групи со детска порнографија
Објавено во: Македонија 07 Декември, 2024
Жител на струшко Велешта е обвинет за производство и дистрибуција на детска порнографија.
Основното јавно обвинителство Струга, го обвини 38-годишникот за продолжено извршување на кривичното дело, бидејќи во периодот од ноември лани до мај годинава пренесувал, нудел и на друг начин правел достапна детска порнографија преку компјутерски систем.
„На своите два мобилни телефони, преку инсталираните апликации за комуникација – Сигнал, Вајбер, Енигма, Телеграм и други, обвинетиот се приклучувал во затворени групи во кои членувале лица од повеќе земји во светот. Во групите чии имиња сами по себе упатувале дека се наменети за ширење на детска порнографија, но и во директна комуникација со приватни профили, обвинетиот споделувал, испраќал и примал фотографии и видео материјали кои очигледно прикажувале полови дејствија со малолетни лица или со лица кои изгледале како малолетници. Видеа и фотографии кои прикажуваат детска порнографија поседувал и во мобилните телефони и тие биле пронајдени кога телефоните му биле одземени при извршениот претрес“, информира Обвинителството.
Побарано е од судот на обвинетиот да му биде продолжена определената мерка притвор, како и да му бидат одземени мобилните телефони како средство употребено за извршување на кривичното дело.