16 Декември, 2025
0.0374

ТЕ-ТО нема да го плаќа данокот дури 9 години: Владата му простува за да не оди во стечај

Објавено во: Економија 19 Ноември, 2019 07:01

Добивај вести на Viber


За период од девет години – за толку време Владата ќе му го одложи на ТЕ-ТО плаќањето на даночниот долг кон Управатs за јавни приходи вреден над 17 милиони евра. Фактор го побара договорот за доделување државна помош склучен меѓу Владата и ТЕ-ТО за кој стана јасно дека е во форма на одложување на даночниот долг, но оттаму добивме само објаснување за договорот, не и самиот договор. Во објаснувањето има одговор на прашањето за колку време ќе им биде одложен рокот на враќање обврските на друштвото кон државата по основ на данок на добивка и тоа се неверојатни девет години. Познавачите велат дека на таков начин државата му дава многу време на моментно најголемиот државен должник и прашуваат која ќе биде цената на ова одложување.

Во одговорите пак од Владата стои дека за тоа има многу причини, но дека ако не се случило, компанијата поради финансиските потешкотии, немало да може да го спроведе планот за реорганизација кој се прави по стечајот на друштвото. Она што е најсимптоматично е што токму за стечајот, Управата за финансиска полиција во јуни годинава поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство. Моментно по тие пријави се води истрага во Обвинителството и се утврдува дали директор, нотар и стечаен судија предизвикале лажен стечај на ТЕ-ТО како што смета и финансиската полиција.

За ова нема одговори, но од Владата за Фактор објаснуваат дека даночната обврска на ТЕ-ТО чие плаќање е одложено е по основ на данок на добивка, обврска која де факто не постои, не е реализирана во компанијата, туку е настаната фиктивно по основ на отпишани обврски врз основа на Планот за реорганизација, одобрен и усвоен со судска одлука од 2018 година.

-Имајќи го предвид фактот дека во моментов ТЕ-ТО АД Скопје има финансиски потешкотии, практично не е во можност да го плати таквиот данок на добивка, која добивка реално и не постои, евентуалното пристапување кон присилна наплата на тој данок на добивка, не само што ќе ја оневозможи реорганизацијата на компанијата, туку сосема извесно е дека ќе доведе до отворање на стечајна постапка над истата и пропаѓање на Планот за реорганизација. Во тој случај „отпишаните обврски“ согласно Планот за реорганизација повторно ќе се трансформираат во реални обврски на компанијата спрема доверителите и ќе немаат третман на добивка, а со тоа и даночната обврска – данокот на добивка за 2018 година по основ на отпишани обврски, повеќе нема да постои и државата нема да ја наплати, велат од Владата за Фактор.

Со ова практично се дава премин за реализација на планот за реорганизација на друштвото ТЕ-ТО по сечајот за кој всушност Управата за финансиска полиција велат дека е лажен.

Од Владата имаат и дополнување на објаснувањето зошто му доделуваат помош на ТЕ-ТО па велат дека станува збор за компанија чија основна дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија преку термоелектрана-топлана со комбиниран циклус и модерна технологија, со користење на природен гас како единствено гориво, и е најголем потрошувач на природен гас во земјата со над 70 отсто учество во вкупниот биланс на потрошувачка на природен гас во земјава.

-На тој начин, придонесува за подобрувањето на енергетскиот систем и намалување на аерозагаденоста, што е стратешка определба на земјата. Исто така, не треба да се занемари и фактот дека ТЕ – ТО АД е главен снабдувач на топлинска енергија во Скопје, но и во републички рамки. Пропаѓањето на компанијата би довело до сериозно нарушување на снабдувањето со топлинска енергија, особено во Скопје.Освен тоа, државата има и економски бенефит од работењето на ТЕ-ТО АД Скопје, изразен преку приходите кои ги остварува по основ на даноците и придонесите што ги плаќа компанијата на годишно ниво, а кои изнесуваат околу 6,4 милиони евра, понатаму приходи од околу 1,2 милиони евра по основ на трошоци кои ги плаќа компанијата за царина на увоз на природен гас и други приходи, стои во одговорот од Владата.

Додаваат и дека компанијата ТЕ-ТО АД Скопје не е единствена компанија на која досега државата и овозможила ваква асистенција, односно имало компании кои добиле дури и траен отпис на ненаплатени побарувања, освен побарувањата по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно Законот за данок на добивка, а имало и случаи на доделувања на државна помош согласно Законот за финансиска помош.

Здружението за заштита на правата на  акционерите во Топлификација АД- Скопје вчера до Комисијата за заштита на конкуренција испратија допис за да прашаат за доделенат адржавна помош. Претходно реагираа и до Владата и до Јавниот обвинител.

Минатата недела и од Антикорупциската комисија потврдија дека ќе го испитуваат случајот со доделената државна помош за ТЕ-ТО.

А.Т.


Можеби ќе ве интересира

Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци

Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци

Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година

Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година

Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти

Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти

Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?

Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?

Уште една валута e на нов рекорден минимум

Уште една валута e на нов рекорден минимум

Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?

Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?

Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците

Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците

Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?

Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?

Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност

Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност