Тинејџер се стекна со траен инвалидитет по пукната петарда на новогодишната ноќ
Објавено во: Македонија 01 Јануари, 2025
Тринаесет годишно дете се здобило со тешки повреди на раката од петарда и ќе има траен инвалидитет, објавија од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ по новогодишната ноќ.
- Имаме двајца пациенти од физички напад, едниот е задржан на опсервација и во текот на денов ќе биде пуштен дома, како и 13.годишно дете со тешка повреда на раката од петарда, кое веќе е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката, информираше претпладнево Игор Мерџановски, доктор од ТОАРИЛУЦ.
Со акутно труење од алкохол на Клиниката за токсикологија во Скопје биле примени 18 пациенти, а најмладиот има 14 години.
- Вообичаено како секоја година имаме помалку пациенти од минатата година, изјави Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Генералната оценка на здравствените институции во Скопје е дека ноќта поминала прилично мирно со помал обем на работа.
Еден од пациентите измешал алкохол и таблети. Акутното труење е индивидуално и, како што појасни Чибишев, може да се случи и со две чаши алкохол.
- Труењата со алкохол до 25 години се животозагрозувачи состојби и треба многу да се внимава, тоа е едниот проблем, а другиот е што има пациенти што тоа го зачинуват со медикаменти што е уште поопасна состојба која може да предизвика сериозни нарушувања на здравјето, додаде Чибишев.