ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ТРАНСПЛАНТАЦИЈАТА НА СРЦЕ – ИГРА ЗУМБА, ПАТУВА, ГИ ОСТВАРУВА ЦЕЛИТЕ: Ексклузивно за Фактор Емилија Христовска Костова и проф. д-р Сашко Јовев
Објавено во: Македонија 17 Декември, 2024
Приказната раскажана за Фактор е лична исповед на Емилија за животот по трансплантацијата, но и од перспективата на врвниот кардиохирург
Емилија Христовска Костова денес е симбол на надежта, упорноста и благодарноста. По три и пол години од трансплантацијата на срце, која ѝ го спаси животот, таа не само што преживеа, туку започна целосно ново и исполнето поглавје. Оваа жена со неуморна енергија, која со гордост зборува за вториот живот што го доби благодарение на несебичниот гест на семејството на починат донор, ги користи деновите за да го слави животот.
Патува низ Македонија и надвор од неа, игра зумба, пешачи, физички е постојано активна, се дружи со луѓето и постојано наоѓа нови причини за радост.
„Трансплантацијата не е само медицински подвиг, тоа е нова можност за пациентите и кои не смеат потоа да си дозволат, ваков подвиг да го потрошат попусто“, вели Емилија за Фактор.
Ова не е само приказна за нејзината борба и решителност, туку и за дарителството како врвен човечки чин. Благодарение на поддршката на нејзиното семејство и несебичноста на луѓето кои решаваат да подарат живот, таа денес е жив доказ дека органодарителството значи нова шанса за живот.
Извршувањето на оваа трансплантација беше подвиг на македонските кардиохирурзи, предводени од еден од најеминентните стручњаци во областа, проф. д-р Сашко Јовев. Тој и неговиот тим, со својата посветеност и искуство, пресадија срца на неколку пациенти, отворајќи нови можности за медицина, но и за човечката солидарност.
„Исполнет живот со секој нов ден“
„Како човек роден со срцева мана, болниците беа мое секојдневие. Но најголемата борба дојде во последните неколку години. Пред трансплантацијата на срце, мораше да се направат неколку важни операции – ми ја отстранија жолчката и десниот јајник, бидејќи имаше малигни промени. Тоа беше услов за да може трансплантацијата да биде успешна.
Кога срцето конечно беше пресадено, четири месеци бев во болница. Беше многу тешко – практично не можев да одам. Потоа следуваа уште шест месеци во изолација за да закрепнам целосно. Но, одлучив да не се предавам. Реков на себе дека новата шанса за живот што ја добив ќе ја искористам максимално.
Кога конечно застанав на нозе, почнав со кардио вежби во теретана. Работев на точак, на лента за трчање, и полека се враќав во форма. Потоа, животот повторно ми приреди предизвик – мораше да ми биде извадена матката и левиот јајник. Тоа беше уште една операција, но решив дека нема да дозволам ништо да ме запре.
После тоа, започнав да посетувам пилатес часови, а во последните шест месеци редовно уживам во зумба танците. Танцувам, се дружам, го славам животот. Секогаш сум опкружена со моите најблиски – мојата сестра, зетот, пријателите. Се дружиме и постојано се потсетувам колку е важна поддршката од луѓето што ги сакаш.
Секогаш си поставувам нови планови и цели што ги реализирам. Сакам да снимам документарец за да им покажам на сите што чекаат срце дека животот не застанува. Сакам да им дадам мотив за борба, да им кажам дека не смеат да се откажуваат.
Овој викенд ќе патувам во Виена, за да го почувствувам божикното расположение и магијата на еден од најубавите божикни маркети во Европа.
Иако имам динамичен живот, редовно ги следам медицинските препораки. Еднаш месечно одам на контроли, правам крвна слика, а на секои шест месеци правам ехо. Мојата таблетарна терапија ја земам според шемата што ми е препишана и тоа е дел од моето секојдневие.
Трансплантацијата е најголемиот дар што некој може да го добие. Благодарна сум на донорот и на нивното семејство. Сега, мојата задача е да живеам со полни гради и да покажам дека животот е вреден за борба.“
Повик за поголема донаторска свест
Кардиохирургот проф. д-р Сашко Јовев, кој ја изврши трансплантацијата на срце кај Емилија Христовска Костова, е еден од водечките експерти во Македонија во оваа област. Со својот тим, досега успешно изврши трансплантации на срца кај повеќе пациенти, носејќи им нова надеж и живот. Според него, секоја трансплантација е не само медицински подвиг, туку и потсетник за тоа колку е важна донаторската свест. За „Фактор“, проф. Јовев зборува за значењето на трансплантациите и успехот на неговите пациенти.
„Донирањето на органи е еден од најголемите акти на хуманост и солидарност што човек може да го направи. Благодарение на оваа благородна постапка, на многу пациенти им се дава втора шанса за живот. Со трансплантацијата на срце, не само што спасуваме животи, туку им овозможуваме на пациентите да се вратат во нормален и исполнет живот.
Од деветте пациенти на кои им трансплантиравме срце, за жал, еден го загубивме поради компликации од Ковид-19. Но, останатите осум се чувствуваат одлично. Тие не само што целосно се вратија на своите секојдневни и работни обврски, туку редовно доаѓаат на контроли и го почитуваат медицинскиот протокол.
Редовното земање на терапијата и редовните лекарски контроли се клучни за одржување на нивната стабилност. Што се однесува до нивниот начин на живот, тие живеат сосема нормално – како и пред операцијата. Нашата мисија е не само да спасуваме животи, туку и да им овозможиме на овие пациенти да продолжат со своите соништа, обврски и радости, како дел од општеството.“
Во Македонија, бројот на пациенти со срцева слабост постојано расте, а потребата од трансплантации или вградување апарати е огромна. Секогаш има пациенти кои чекаат ново срце, но бројот на донори сè уште не ги задоволува реалните потреби. Иако последниве години се забележува напредок, пред сè благодарение на зголемената хуманост и свест кај луѓето, патот до доволен број на трансплантации е долг.
Решенија како воведување картичка за донорство, по примерот на земји како Хрватска и Словенија, кои се лидери во Европа по бројот на трансплантации, би можеле значително да го подобрат овој процес. Овие земји веќе имаат развиени системи кои успешно функционираат, и нивното искуство може да биде патоказ за Македонија. За да се постигне ова, потребна е постојана работа на институциите, поддршка од медицинскиот сектор, но и активна вклученост на секој од нас, бидејќи хуманоста започнува од личната одлука да се помогне.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.