Добивај вести на Viber
Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, поради недостатоците во програмата за финансирање на Грција ќе бидат принудени да и доделат на земјата трет спасувачки финансиски пакет, пишува Grreporter.
Според весникот, отсекогаш било јасно дека во втората половина на 2014 година, Грција нема да може да ги отплати надворешните долгови поради продлабочената економска криза, и тоа е причината за разгледувањето на ваквото сценарио во земјата.
Податоците на ЕК покажуваат дека дупката во грчкиот буџет може да достигне 9,5 милијарди евра помеѓу 2013 и 2016 година. Недостигот се очекува да се покрие токму од третиот пакет на финансиска помош и од новото делумно реструктуирање на државниот долг на Грција.
Аналитичарите во земјата очекуваат од Европската централна банка (ЕЦБ) грчки државни обврзници да се реконструираат во нов долг, кој е со подолг рок на достасување и пониска каматна стапка. ЕЦБ држи грчки државни обврзници меѓу 15 и 18 милијарди евра, што ќе и помогне на земјата да го избегне евентуалното запирање на плаќањата на долгот во наредните три години.
Преговорите за новиот спасувачки заем, најверојатно ќе започнат по изборите во Германија оваа есен.