Добивај вести на Viber
Индексот на цените на мало во јануари оваа година, во споредба со истиот период лани, бележи пораст од 2,4 отасто, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 3,8 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Индексот на цените на мало во јануари оваа година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.1, а индексот на трошоците на животот 100.3.
Порастот на трошоците на животот од 0,3 отсто во јануари 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на јајцата за 4,6 отсто, безалкохолните пијалаци за 4,3 отсто, рибата за 3,6 отсто, зеленчукот за 2,7 отсто, тестенините за 2,5 отсто, сувото овошје за 1,6 отсто, алкохолните пијалаци за 1,5 отсто, преработките од овошје за еден отсто, преработките од зеленчук за 0,7 отсто, месото за 0,5 отсто, преработките од месо и кондиторските производи за 0,4 отсто.
Во јануари, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 15,2 отсто, храната и пијалаците во рестораните и хотелите за два отсто, лековите за 1,1 отсто, облеката и електричните апарати за домаќинствата за 0,4 отсто и туристичките аранжмани за 0,3 отсто.
Намалување на индексот на трошоците на животот во јануари 2013 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 1,9 отсто, мастите за 0,9 отсто, млечните производи и др. прехранбени производи за 0,6 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 4,9 отсто, течните горива и гасот за домаќинствата за 3,3 отсто, средствата за образование и сообраќајните средства за 2,3 отсто, нафтените деривати за 0,5 отсто и обувките за 0,3 отсто.