Центри за кариера, неформално самовработување-нови планови за вработување на младите
Објавено во: Економија 02 Февруари, 2013
Со цел намалување на младинската невработеност која станува се поголем проблем во земјава, денеска беше промиваран нов сет мерки за вработување младите од 15 до 29 годишна возраст. Со Акцискиот план за вработување на младите до 2015 година, промовиран денеска од Министерството за труд и социјална политика, треба да се подобри ефикасноста на институциите на пазарот на трудот и поттикне вработувањето на младите преку развој на приватниот сектор.
Како што соопшти министерот Спиро Ристовски, со Планот се предвидува околу илјада млади со завршено средно или високо образование да бидат вклучени три месеци во програмите за практиканство, а 500 млади да бидат обучени за почнување сопствен бизнис. Исто така се предвидува и тестирање на сите полуматуранти кое би траело од март до мај за нивно навремено кариерно насочување, како и пилот-тестирање во неколку средни училишта. Според Планот, до 2015 година треба за 20% да порасме бројот на неформално самовработени млади лица.„Во 2012 од вкупниот број опфатени 7.590 лица од различните активни програми за вработување, 20 проценти се млади лица (1.486). Овој процент во иднина треба да биде уште поголем, што е и цел на нашите заложби, рече Ристовски.
За спроведување на Акцискиот план, голема улога ќе има и Министерството за образование и наука, а како што информираше министерот Панче Кралев, нивна задача ќе биде да ги адаптираат наставните планови и квотите кон потребите на стопанството.
Кралев ја истакна потребата од формирање центри за кариера како во средните училишта, така и на сите факултети на државните универзитети, кои според него ќе бидат линкот на младите со бизнис-секторот. Тој исто така се пофали за преземените реформи во средното стручно образование - зголемениот број часови за практична настава и креирање профили според потребите на пазарот на трудот, воведениот задолжителен предмет претприемаштво во средно, зголемувањето на квотите за студенти на техничките факултети и тестовите за професионална ориентација што ќе се применуваат од оваа година.
Според најавите, Акцискиот план ќе се спроведува три години, а за него ќе се потрошат 27 милиони евра , дел од Буџетот, дел од ИПА-фондовите на ЕУ.
Младинската невработеност е еден од најголемите проблеми во зенјата, Владата повеќе пати беше повикувана од Меѓународната организација за труд, вработувањето на младите да го третира како национален приоритет. Според последните податоци од Агенцијата за вработување, работа бараат 58.147 лица на возраст од 15 до 29 години, а најтешка е состојбата кај младите од 25 до 30 години.