Добивај вести на Viber
Најголема расходна ставка се трошоците за вработени и изнесуваат 1,1 милиони евра и пораснале за 5 отсто во споредба со првото полугодие лани
Огромeн раст на резервациите за кредити што влегле во категорија ризични за наплата и загубата заради оштетување на нефинансиски средства се главните фактори за загубата на ТТК банка која изнесува 49,67 милиони денари во првото полугодие годинава. Податоците од билансот на успех покажуваат дека банката во првото полугодие годинава резервирала 56,88 милиони денари (над 900.000 евра) за кредити кои според наплатата станале ризични и тешко наплатливи. Износот на резервации за истиот период лани бил понизок за 49,3 милиони денари односно седум пати понизок од износот издвоен за првото полугодие годинава!
Дополнително на тоа банката во ставката загуби заради оштетувања на нефинансиски средства (што значи корекција на вредноста на недвижниот и движниот заложен имот и средства) книжи загуба од 57,3 милиони денари. Тоа е 41,1 милиони денари повеќе од загубата искажана во истиот период лани. Токму овие перформанси на банката се главниот причинител за загубата на полугодие која изнесува 49,67 милиони денари односно повеќе од 806.000 евра.
Банката бележи послаби резултати и кај најважната приходна ставка односно кај каматите. Споредбата покажува дека во првите шест месеци годинава тие изнесуваат 208,2 милиони денари и се пониски за 21 милион денари односно за 9 отсто во споредба со истиот период лани. Кај нето приходите од камати сепак падот во споредба првите шест месеци лани е само 2 отсто и нето приходот изнесува 148,3 милиони денари. Тоа се должи единствено на тоа што менаџментот на банката во овој период успеал значајно да ги снижи расходите за камати. Тие изнесуваат 59,9 милиони денари и се за 17,3 милиони денари пониски во споредба со истиот период лани.
Врз негативата за првото полугодие годинава влијае и растот на трошоци за вработените во банката. Кога ќе се погледнат сите расходни ставки во билансот на успех се гледа дека таа е најголемата расходна ставка со износ од 1,15 милиони евра за првите шест месеци. Во споредба со истиот период лани е зголемена за 5 отсто.
За послабите перформанси на банката укажуваат и некои важни податоци од билансот на состојба. Многу е значајно, а веројатно за акционерите и загрижувачко, тоа што паричните средства и нивните еквиваленти во овој период изнесуваат 1,368 милијарди денари и се пониски за 100 милиони денари во споредба со истиот период лани. Очекувано слична е тенденцијата и кај кредитните пласмани на банката. Нивниот износ е 3,83 милијарди денари и е за 63 милиони денари , над еден милион евра, понизок во споредба со износот на кредити во истиот период лани. Од друга страна како дополнение на деловната политика на менаџментот видливо е дека во фокус влегува вложување во хартии од вредност се разбира во најголема мерка во државни краткорочни хартии од вредност или во обврзници.Така во првите шест месеци тој износ на вложувања достигнал 937,8 милиони денари и е за 300 милиони денари (речиси 5 милиони евра) повисок од тоа вложување во истиот период лани.
Охрабрувачки за акционерите од овие извештаи се само две, но многу суштински работи. Прво е тоа што расте депозитната маса на коминтентите во оваа банка. И покрај тоа што растот е понизок од 1 отсто во споредба со износот од лани сепак е важно дека се зголемува доверба и кредибилетот на банката. Растот на депозитите изнесува 44 милиони денари и вкупниот износ на полугодие годинава е 5,162 милијарди денари. Дополнително охрабрувачки е тоа што потенцијалните обврски на банката се пониски за 124 милиони денари во споредба со лани и на полугодие тие изнесуваат 539,5 милиони денари.
Р.Ф.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: