Добивај вести на Viber
Депозитите на клиенти (освен банките) се на исто ниво, а добивката лани е пониска за 44 отсто во однос на 2013 година
Кредитните пласмани намалени за 11,7 отсто, нето приходи од камати намалени за 5 отсто и нето добива пониска за 44 отсто во однос на 2013 година, ова се најважните финансиски показатели од неревидираниот биланс за 2014 година што го објави „ТТК банка“ на интернет страницата на Македонската берза. Секоја акција на банката на акционерите им носи новосоздадена вредност од 33 денари по акција што претставува 5,8 отсто во однос на последната пазарна цена што таа акција на постигнала на Македонската берза за хартии од вредност.
На страната на приходите билансот на банката покажува пад на нето приходите од камати што во одредена мерка е компензиран со раст на нето приходите на банката од провизии и надоместоци. Нето приходот од камати лани изнесуваат 293,2 милиони денари и во однос на 2013 година се пониски за 16,4 милиони денари односно за 5 отсто. Наспрема нив банката лани успеала да оствари раст на нето приходите од провизии и надоместоци за 9,4 милиони денари односно 8 отсто до ниво од 126,3 милиони денари.
Во својата основна дејност – кредитирањето банката лани бележи помала кредитна активност во однос на 2013 година. Лани кредитните пласмани на „ТТК Банка“ биле 3,51 милијарди денари и тоа, според податоците од билансот, е за 11,7 отсто помалку односно за 468,2 милиони денари во споредба со нивната кредитна активност во 2013 година.
Паралелно со тоа, во истиот период, значајно расте износот на вложувања во хартии од вредност. На крајот на 2013 година износот на вложувања во хартии од вредност бил 797,8 милиони денари (12,95 милиони евра), а за само една година на крајот на 2014 година пораснал до ниво од 1,07 милијарди денари (17,4 милиони евра). Во период од една година ТТК Банка во хартии од вредност вложила дополнителни 34,6 отсто средства. Најголемо учество во структурата на хартии од вредност се вредносните хартии што ги издава Министерството за финансии во име на Владата и Народната банка на Македонија.
Кај состојбата со депозитната база во овој период речиси и да нема промени. На крајот на минатата година вкупниот износ на депозити на сите клиенти (освен банките) изнесува 5,13 милијарди денари (83,3 милиони евра). Во однос на 2013 година износот на депозити е намален за занемарливи 13,9 милиони денари односно 0,3 отсто.
„ТТК Банка“ е во групата на македонски деловни банки со средна големина во пазарниот сегмент каде конкуренцијата меѓу банките е најголема. Најголем акционер е волнарскиот комбинат „Тодор Циповски - Мерџан“ – Тетекс од Тетово, компанија што контролира 43,5 отсто од акциите со право на глас. Втор по големина акционер е Европската банка за обнова и развој која контролира 18,89 отсто од капиталот. Во акционерската структура на „ТТК Банка“ има уште 129 акционери кои поседуваат 19,82 отсто од капиталот на банката. Остатокот од капиталот, во најголема мерка, е дисперзиран помеѓу 1.698 домашни физички лица кои поседуваат 15,61 отсто од акциите.
Управниот одбор на банката го сочинуваат, според официјалните податоци достапни од интернет страницата на Македонската берза,
Драгољуб Арсовски и Наталија Алексова. Во надзорниот одбор на банката членуваат:
Глигорие Гоговски, најголем акционер во „Тетекс“ – најголемиот акционер во „ТТК Банка“, универзитетските професори:
Тито Беличанец, Методија Несторовски и Арсен Јаневски, Доне Доневски – најголемиот поединечен акционер во „Македонијатурист“ и
Борислав Трповски, претседател на Управниот одбор на „Тетекс“.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: