Сведоштва на Македонци од Турција: Не купуваме американски производи
Објавено во: Економија 23 Август, 2018
Во Турција ситуацијата не е алармантна, затоа што производите кои ги има на домашниот пазар се од домашно производство, и засега нема некои големи поскапувања, вели Славица Јорданова Узан која живее во турскиот град Чанаккале.
„Производите коишто се од американски фирми народот почнува да ги избегнува. Турскиот народ е навикнат на постојана варијација на националната валута, а и не е прв пат историјата да се повторува, така што ние од страна повеќе паничиме, а Турците не“- вели таа.
Eмин Сикилар од Бурса вели дека по оваа криза Турција ќе биде посилна.
„Јас не сум во паника, напротив мислам дека ние стануваме посилни. Jaс повеќе сум загрижен за доларот“ - вели тој.
Смета дека од ден на ден се зголемува бројот на луѓе кои не му веруваат на доларот.
Според него, не е само Турција, туку светот го очекуваат несигурни времиња и луѓето ќе ја изгубат довербата која претходно ја имале.
Jасин Мисирлиоглу од Истанбул вели дека Турците се познати како бунтовници кои се борат за своите права, па така ќе биде и овој пат.
„Можно е да има застој во градежниот сектор, но исправени сме пред тешки времиња, и гледаме напред. Oна што другите го прават за да ја задржат својата вредност, нема во целост да нѐ погоди нас“ – смета ова момче.
Tурската лира завчера благо зајакна во однос на доларот. 6.0700 лири се тргуваа за еден долар. Американскиот претседател Доналд Трамп кој ги заостри односите со Турција, рече дека неговиот тврд став може да наштети на економијата во Европа и на економиите кои одат напред.
Во понеделникот, турскиот претседал Реџеп Таип Ердоган изјави дека целта е турскиот народ да биде фрлен на колена.
На Балканот една инвестиција од Турција нема да се реализира поради падот на лирата, и ова е првата жртва откако лирата оди во амбис.
Видни економисти прогнозираат дека земјата за кратко ќе влезе во рецесија.Сања Атанасовска