Добивај вести на Viber
Загреб и во месец јули продолжи да руши рекорди во однос на бројот на туристи благодарение на зголемениот број посети за 15 отсто и ноќевања за 19 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажаа податоците од Туристичката заедница на Загреб.
За растот во јули во Загреб се заслужни посетите на 91.000 туристи кои оствариле малку повеќе од 153.000 ноќевања, главно од странски туристи. На нив отпаѓаат 81.600 посети, што е раст од 16 отсто.
Ова доведе до висок раст за првите седум месеци од годинава во текот на кои Загреб го посетиле 15 отсто повеќе туристи отколку во истиот период минатата година, или нешто повеќе од 434.000. Со речиси 767.000 ноќевања има зголемување од 12 проценти.
Меѓу странските туристи, според евиденцијата на Туристичката заедница на Загреб, најмногу посетители доаѓаат од Германија, САД, Италија, Велика Британија и Франција.
Од Туристичката заедница на Загреб велат дека се многу задоволни со бројката. Загреб овој месец беше и една од главните теми на популарниот француски магазин „Grands Reportages“ во кој на 16-страници имаше репортажа со наслов „Zagreb - l'ultime capitale" каде се опишува Загреб како феноменален главен град.
Колку за илустрација, вкупниот број на туристите во мај 2013 година во цела Македонија изнесува 67 588, а како што посочуваат од Државниот завод за статистика, споредено со мај лани ова е раст од 11,2 проценти. Бројот на ноќевањатата во мај во цела Македонија изнесувале 152 117 или раст во однос на лани за 6.4 проценти.
Во текот на цела 2012 година пак Скопје го посетиле 152 илјади туристи.