Турската полиција во лов по антивладините демонстранти
Објавено во: Балкан 16 Јули, 2013
Турската полицијата во Истанбул, денеска спроведува акција за приведување на лица, кои учествуваа во неодамнешните немири во земјата, јави „ИТАР-ТАСС“.
Рации се извршени на сто адреси на кои е утврдено дека живеат учесници во протестите.
Досега е познато дека полицијата привела 30 лица. Освен во приватни објекти, полицијата упаднала и во неколку студентски домови.
Операцијата продолжува, а бројот на приведените можно е да се зголемува.
Приведените се осомничени за организирање на немири и учество во напади на претставници на власта.
Ова е петтата голема операција на полицијата од почетокот на јуни, кога земјата ја зафатија антивладините демонстранции.
Во таквите операции досега вкупно се приведени 150 лица. Повеќе од нив беа ослободени, но неколку десетици беа уапсени со судска наредба.
Протестите во Турција започнаа на 31-ви мај во Истанбул поради плановите за преупредување на паркот Гези во центарот на градот, за потоа да прераснат во антивладини демонстрации.
Во антивладините протести, загинаа пет лица, од кои еден полицаец, а околу осум илјади беа повредени. Според процените на полицијата, во протестите во големите градови низ цела Турција учествувале 2,5 милиони луѓе.
По бројните демонстрации турскиот суд го блокираше проектот за реконструкција на истанбулскиот плоштад Таксим.