ТВРДАТ ДЕКА ОВА Е НАЈДОБРОТО МЕСТО НА ЗЕМЈАТА: Полски град му нуди замок на Илон Маск
Објавено во: Свет 14 Јануари, 2025
Полски град на милијардерот Илон Маск му нуди да купи замок од 13 век за да му биде европско седиште.
Станува збор за градот Глоговек. Градоначалникот Пјотр Бујак, денеска изјави дека упатил покана до „Икс“ и испратил писма до неговите компании во кои му нудат на Маск да го купи замокот. Маск досега не одговорил на понудата, а цената не е позната. Бујак за „Асошиејтед прес“ изјави дека видел медиумски извештаи во Европа дека американскиот милијардер бара добра локација, можеби замок во Италија.
„Ние не сме полошо место од Тоскана. Имаме совршена клима и ова е најдоброто место на земјата“, рече Бујак.
Замокот Глоуни се наоѓа во југозападна Полска и има богата историја која датира уште од средниот век. Во него престојувал и композиторот Лудвиг ван Бетовен. Замокот бара темелно реновирање, но нуди огромен простор за живеење и водење бизнис. Глоговек е мало место со помалку од 6.000 жители.