Уапсени четири лица осомничени за убиството на момче за време на протестите во Турција
Објавено во: Балкан 07 Август, 2013
Во Ескишехир во центална Турција, денеска четири лица, меѓу кои еден полицаец се уапсени во рамки на истрагата за убиството на турско момче за време на антивладините протести во земјата.
Деветнаесетгодишниот Али Исмаил Коркмаз беше тешко ранет во судирите, кои избија за време на протестите во јуни и почина 38 денови подоцна.
Апсењата денеска се спроведени, откако полицијата откри снимки од безбедносни камери, за кои се сметало дека се избришани. На снимките се гледа како група од неколку лица го тепаат Коркмаз со стапови.
Вкупно осум лица се уапсени денеска, но четворица од нив се ослободени. Според информацијата на турскиот весник „Радикал“ еден од уапсените е полициски службник од единиците за борба против тероризмот.
Главниот обвинител во округот Ескишехир, Орхан Четинѓул изјави дека силите за безбедност трагаат по уште едно лице, за кое се смета дека е вмешано во убиството на Коркмаз.
Во мај во Истанбул почнаа протести против уривањето на паркот Гези и тие постепено прераснаа во антивладини демонстрации во цела Турција.
Во протестите, кои траеја со недели учествувале околу два милиони лица во 79 од 81 турски округ. Во судирите за време на протестите се убиени четворица демонстранти и еден полицаец. Според Турската асоцијација на лекари во судирите се ранети над седум илјади лица.