Украина за прв пат зароби севернокорејски војник, кој потоа наводно починал
Објавено во: Свет 27 Декември, 2024
Јужнокорејските безбедносни служби тврдат дека украинските сили заробиле ранет севернокорејски војник, но тој подоцна наводно им подлегнал на повредите. Се верува дека војникот е првиот воен заробеник од Северна Кореја откако Пјонгјанг распореди илјадници војници за поддршка на руската армија во Украина, објави британски Би-би-си. Тврдењата тешко се потврдуваат независно.
Соопштението на јужнокорејската служба доаѓа откако на мрежата Телеграм се појави фотографија на која наводно се гледа ранет севернокорејски војник. Северна Кореја испратила повеќе од 10.000 војници да и помогнат на Русија, според Киев и Сеул, иако Москва и Пјонгјанг ниту го потврдија ниту го негираа нивното присуство. Јужнокорејските медиуми подоцна објавија дека војникот им подлегнал на повредите. „Сојузничката разузнавачка агенција потврди дека севернокорејскиот војник жив заробен на 26 декември штотуку починал поради влошените услови“, се вели во соопштението.
„Ова е прво заробување на севернокорејски војник“, изјави претходно за Би-Би-Си Јанг Ук, истражувач во Институтот за политички студии Асан во Јужна Кореја. „За Украинците е корисно да ги фатат овие севернокорејски војници и да се обидат да ги разменат со Русите за украински воени заробеници. Тој исто така додаде дека ќе биде тешко да се докаже нивното севернокорејско државјанство. Украинските сили велат дека издавале лажни руски лични карти на севернокорејските војници, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела објави снимка за која рече дека покажува дека руските војници ги палат лицата на убиените Севернокорејци за да го сокријат нивниот идентитет.
Украинските и јужнокорејските разузнавачки служби рекоа дека многу од војниците распоредени во Русија се едни од најдобрите во Пјонгјанг, извлечени од 11-тиот корпус. Единицата е обучена за инфилтрација, инфраструктурна саботажа и атентати.
Повеќе од 3.000 севернокорејски војници се убиени или ранети во борбите во областа Курск во Русија, изјави Зеленски во понеделникот. Тој додаде дека соработката меѓу Москва и Пјонгјанг го зголемува „ризикот од дестабилизација“ околу Корејскиот полуостров.