УЛИЧНИ МУЗИЧАРИ РЕТКО СРЕТНУВАМЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Дали имаме навика да ги наградиме за нивната уметност?
Објавено во: Македонија 24 Јуни, 2025 07:51
Граѓаните велат дека со исклучок на Скопје, во помалите места ретко среќаваат улични уметници, но додаваат и дека немаме некоја навика да ги наградиме парично за уметноста која ја нудат.
Во внатрешноста, луѓето објаснуваат дека многу ретко гледаат улични музичари, кои свират и пеат на јавен простор. Доколку ги има, или се работи за странци или за некој локален музичар. Велат дека уличните музичари создаваат убава атмосфера, посебно во месеците со пријатно време кога народот е излезен да шета.
„Во Куманово еднаш видов на плоштад некои уметници и тоа беше тоа. Најверојатно немаме навика, не сме навикнати на такво нешто. Во Европа тоа функционира, во Белград исто. Кај нас освен во Скопје, не сум видела улични музичари. Во Истанбул сум видела улични музичари и им даваат пари. Во Европа свеста е поинаква, поинаку гледаат на тоа. А убаво е, ќе излезеш, ќе прошеташ, слушаш музика“, рече Милена Димитриевска од Куманово.
Од медиумските извештаи сме виделе дека во Штип и Кавадарци има локалци кои повремено настапуваат на јавен простор.
„Многу ретко гледам улични музичари. Пред 3-4 години видов и мислам дека луѓето беа од Индија. Ние онака ќе поминеме, ќе ги видиме и игнорираме, а тоа не е добро. На социјалните мрежи гледам видеа дека во Европа има музичари, им донираат. На Запад тоа функционира, може и рутина да е. Искрено, делува интересно, убаво е да се гледа и слуша“, објаснува Марина Николовска, граѓанка.
Во помалите градови луѓето не се сеќаваат кога последен пат виделе улични музичари.
„Нема такво нешто во Кочани, ајде сега поради трагедијата не ни е до музика, ама не паметам порано да сум видела улични музичари. Се сеќавам дека во Битола имам сретнато улични музичари. Во Европа има. Треба тој труд да се награди како и секој друг“, вели жена од Кочани.
Maкедонците кои често патуваат во странство, додаваат дека таму среќавале улични музичари и тоа повеќе во еден град.
„Во Полска кога бев имаше повеќе улични музичари. Во Шведска каде што живеам немам видено, ама во Стокхолм сигурно ги има. Сега брзо на Свети Наум во Охрид видов човек што свири на виолина, строго македонски репертоар. Во странство тоа се цени“, додава Македонка која живее во Шведска.
Од колумбискиот бенд VardarAndy кој изведува македонска музика и престојува во Македонија, велат дека снимаат видеа на јавни места со цел да ги видат емотивните реакции на луѓето, да привлечат внимание и нивната првична цел не е да соберат пари. Но, велат дека луѓето сепак го наградуваат трудот на музичарите.
„Јанко и бендот VardarAndy изведоа неколку песни тогаш, другите видеа ќе бидат објавени подоцна, и ќе можете да видите дека за време на тие видеа некои луѓе пристапија и им дадоа пари на Јанко и неговиот бенд. Генерално, нашето мислење е дека луѓето во Македонија многу ја сакаат и ценат музиката, особено ако ја свират странци. Бендот не свиреше на улиците за заработка повеќе од една година, па затоа е тешко да се каже каква е моменталната ситуација со тоа колку пари заработуваат уличните музичари. Но, уште еднаш мислиме дека Македонците се многу гостопримливи и ја сакаат нивната музика и песни. Ова беше една од причините зошто Јанко се чувствуваше толку мотивиран да ги научи македонските песни, чувствуваше дека неговата работа навистина ќе биде ценета од луѓето овде, и не погреши“, велат од бендот VardarAndy.
Ако ја погледнеме минималната кошничка, македонските семејства најмногу пари трошат за храна и пијалоци, а за рекреација и култура месечно во просек одвојуваат по 5.592 денари или 8.7 отсто од приходите.
Иако е тешко да се одреди точната земја со најмногу улични музичари поради немање на сеопфатни глобални податоци, се смета дека Британија, Австралија, Канада, Германија, САД се земји со најмногу улични уметници.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




