Успешните компании на удар на државата
Објавено во: Економија 25 Септември, 2023
И покрај негодувањата од бизнис здруженијата и економските експерти, минатата недела во Собранието беше усвоен Предлог-законот за Данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Покрај за овој закон, пратениците од парламентарното мнозинство гласаа и за зголемување на ДДВ-то на стотици прехранбени производи, а дадоа и зелено светло за измените во делот на данокот на добивка.
Законот за солидарност предвидува компаниите кои оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката им била зголемена за 20 проценти во однос на просекот од последните тригодини, да платат еднократен данок од 30 отсто. Засега не е наведена бројката на компании кои ќе подлежат на овој данок, а според евиденцијата на Управата за јавни приходи, лани речиси 200 компании пријавиле приход поголем од 10 милиони евра и се очекува од нив во буџетот со данокот на солидарност да се слеат 77 милиони евра.
Образложение на Владата за причините за носење на еден ваков закон, е да се изврши корекција на пазарната дисторзија и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата. Но, во суштина со него се удри по единственото здраво ткиво во македонската економија - оние малку успешни компании кои се најголеми и најредовни плаќачи на даночните обврски, кои се во голем дел извозно ориентирани, кои придонесуваат најмногу за нови вработувања и кои во суштина се двигател на македоската економија. И што е особено важно, во голем дел се со странски капитал.
Бизнис заедницата реагираше дека законското решение ги казнува и дополнително ги оптоварува компаниите кои важат за најголеми плаќачи на даноци и кои го полнат буџетот и дека мерката нема смисла и во услови кога веќе нема високи цени на енергенсите. Реагираше и Советот на странски инвеститори од каде беше посочено дека, доколку се донесе вакво законско решение, дел од компаниите размислувале своите бизниси да ги лоцираат во соседството, каде немало вакви или слични законски решенија.
Сојузот на стопанските комори на Македонија смета дека Законот за данокот за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност е погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава, и дека не постои пример во светот, каде што се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира.
За Законот, уште при најавата за солидарен данок, а и сега пред и по неговото донесување, силно реагираше и Стопанската комора на Северна Македонија. Според комората, законот е комплетно погрешно ориентиран и само ќе ги оштети тие што веќе си ги исполнуваат даночните обврски.
„Ваков закон се носи за најголемите плаќачи на данок и тие што ја полнат државната каса. Со носењето на овој закон владата испраќа порака дека плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега се посебно стимулирани. Негативните ефекти ќе се видат и во полето на инвестиции, а македонската економија ја губи својата иднина, порачува Стопанска комора, која најави и дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на Законот за солидарен данок.
Со соопштение се огласи и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКЗМ), која апелира до сите институции во земјата, спроведувањето на ваквите одлуки и закони да не се прави без релевантна и детална анализа на пазарот, бидејќи последиците од истите ќе бидат многу големи.
Негативни реакции за законот пристигнаа и од опозицијата, која не учествуваше во неговото изгласување.
„Солидарниот данок е новото економско промашување. Наместо да се бори против сивата економија, владата со новиот данок ќе земе арач од лојалните фирми на државата, кои си ги плаќаат редовно даноците, а со тоа дополнително ќе ја стимулира сивата економија. Ваквата мерка не е солидарност туку арамилук. Со новиот данок, каде е предвидено двојно оданочување на компаниите, не се опфатени компании, кои лани биле основани. Токму минатата година беа основани фирми, кои се занимаваат со продажба на струја и за краток период остварија милионски суми на добивка, а јавноста многу добро знае чии роднини и пријатели на функционерите од ДУИ и СДСМ ги основаа овие фирми“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од најголемата опозициска партија соопштија и дека веднаш по преземањето на власта, ќе го поништат овој штетен закон за компаниите и државата.
Поради ваквите негативни реакции, Законот првично беше повлечен од Собрание, за сега набрзина да биде донесен по скратена постапка, со користење на европското знаменце, кое, според бизнис заедницата, во овој случај е злоупотребено.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.