Македонија има кадар за производство на автобуси, Ван Хул само нека најде пазар за продажба!
Објавено во: Економија 16 Февруари, 2013
„Трошоците за работна рака учествуваат со голем процент во производството или над 75% во вредноста на производот.Со оглед на тоа што во последно време се зголеми конкуренцијата од Турција, Полска и Чешка на европскиот пазар и Кина и Мексико, за пласман на американскиот пазар ни треба фабрика каде што ќе произведуваме со ниски трошоци за работна сила“ вели Ван Хул во интервјуто.Тој вели дека и упорноста на Владата и министрите за странски инвестиции биле едни од клучните моменти кои ги натерале да решат да градат фабрика во Македонија.
„Пакетот на олеснувања за странски инвеститори, беше предност. Ме привлече и директниот контакт на владините претставници со инвеститорите и можеме лично да ги контактираме и да добиеме одговор за било кој проблем за многу кратко време. Ова е многу важно за привлекување на странски инвеститори. Ние сега сме како партнери, што не е случај со другите земји“ потенцира Ван Хул во интервјуто.Ван Хул планира да вработи до 500 лица во новата фабрика Изградбата на фабриката за автобуси на „Ван Хул“, почна во јули минатата година, како инвестиција вредна 20 милиони евра, што треба да овозможи вработување на 400 до 500 лица. Се очекува дел од кадрите да се регрутираат и од поранешните македонски фабрики за автобуси, како ФАС. Покрај новите работни места, се очекуваат позитивни ефекти од инвестицијата и за домашни фирми што ќе имаат можност за соработка, како и зголемување на македонскиот извоз. Белгиската компанија „Ван Хул“ одлучи да инвестира во Македонија по контактите што ги иницираше македонската Влада и реализирањето економски презентации на можностите за инвестирање во државава. При стартот на изградбата на производствениот капацитет директорот на белгиската компанија „Ван Хул“, Филип Ван Хул истакна дека за успех на инвестицијата ќе се потпре на образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети и на големото искуство во производство на квалитетни автобуси што во минатото биле произведувани во Македонија. Со реализацијата на нивната инвестиција, од зоната Бунарџик првпат ќе се извезува готов производ, технолошки високософистициран на високософистицирани пазари, кој ќе го носи знакот дека е произведен во Македонија. Според најавите од инвеститорот, новиот капацитет на „Ван Хул“ ќе се протега на површина од 36.900 метри квадратни, а се очекува да почне да произведува автобуси во првиот квартал од 2013 година. Целта на белгискиот инвеститор е да ја реализира американската нарачка од 400 автобуси од која првите 50 треба да се извезат од погоните на фабриката веќе од крајот на 2013 година. По оваа нарачка, компанијата ќе воведе два нови модела на автобуси, а полниот капацитет што треба да се постигне е годишно производство од 400 автобуси. „Ван Хул“ е семејна компанија за прозводство на автобуси и индустриски возила основана 1947 година. Во фабриката во Белгија вработува 4.000 лица, а годишното производство изнесува околу 1.200 автобуси и 4.000 други возила. Остварува годишен обрт од над 450 милиони евра, а над 80 отсто од производството е наменето за извоз.