ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ПОКАЖА ДОКУМЕНТИ: Вистината за Клиниката за Онкологија излезе на виделина
Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2025
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,
Венко Филипче, на денешната прес-конференција откри скандал за случајот поврзан
со Клиниката за онкологија.
Според Филипче, анкетната комисија за Клиниката за онкологија, која беше иницирана од ВМРО-ДПМНЕ и раководена од Рашела Мизрахи, изнесувала невистини поврзани со работата на клиниката.
„Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за онкологија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движења, ниту еден онколошки пациент, и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија, сето тоа било редовно соработувано со Министерството за здравство“, изјави Филипче.
Тој потенцира дека обвинувањата на Мизрахи, дека немало извештаи од клиниката до министерството и дека стручните комисии не вршеле контрола, се неосновани.
„Мизрахи тврди дека такви извештаи немало од клиниката кон министерството, дека немало стручна контрола од стручините комисии и сите овие изминати месеци. Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени, па згора на сè да се кријат докази од истражните органи?“, порача Филипче, додавајќи дека таквите манипулации се срамни и недолични.
На прес-конференцијата, тој покажа документи кои, според него, ја потврдуваат точноста на неговите тврдења. Филипче повика на одговорност за ширење дезинформации кои, како што нагласи, ја манипулираат јавноста и ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните.