ВЛАДА НАСКОРО, ПРОТЕСТИТЕ ЌЕ ЕСКАЛИРААТ: Заштитете ги децата, тие не се инструмент за политичка борба!
Објавено во: Македонија 04 Март, 2017
Поттикнувањето на ученици да земат учество на протестите организирани од Иницијативата „За заедничка Македонија” е опасна манипулација која може да има сериозни последици-сметаат од Првата детска амбасада Меѓаши. Оттаму порачуваат дека организаторите и учесниците на протестите треба да се свесни за одговорноста која ја носат особено кога во редовите регрутираат деца. Етничкиот предзнак според нив може лесно да биде мотив за ескалирање на состојбата, од која патот назад е тежок и долг. А на тој пат велат никогаш нема победници, туку само губитници.
“Децата се само деца, тие не познаваат граници бидејќи ,,каде започнува светот со граници, таму престанува детството”. Детската амбасада Меѓаши стои зад детските барања за демократија, за слобода, ненасилна борба против детската злоупотреба, но никогаш нема да застанеме во спрега со поставувањето етнички граници. Длабоко сме свесни дека повикувањето на браќа и сестри на етничка основа е чекор кој може Македонија да ја однесе во граѓанска војна”- велат од Меѓаши.
Ги повикаа организаторите на протестите да ги стават интересите на децата пред личните интереси без оглед на нивното етничко,национално, религиско прашање. “Носењето на деца на протестите, и кога се генерално ненасилни, постои потенцијален ризик од појава на насилство, а можат и да бидат трауматично искуство за децата.Политичка злоупотреба на децата подразбира политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок.
Носење и учество на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели” –потенцираат од Првата детска амбасада. Детското учество според нив подразбира поттикнување кај децата од најмала возраст интерес за политичките случувања, да контактираат со политичарите, да влијаат на процесите на одлучување,да го изразат своето мислење, својот став за одредени прашања и да се посвети соодветно внимание на тоа мислење. За да се избегне манипулацијата со нив мора од најмала возраст да бидат воспитувани и поттикнувани да размислуваат критички и слободно да го изразуваат своето мислење.
“Детската амбасада Меѓаши го поддржува детското учество и детскиот глас особено кога во фокус се прашања за потребите, интересите и правата на детето како и слободата на родителите да ги одгледуваат нивните деца во духот на демократијата, критичкото мислење, и општествена промена преку ненасилство. Но возрасните мора да имаат предвид дека постои можност, сигурноста и безбедноста на децата да бидат доведени во опасност. Демократското право на протест по дефиниција го исклучува нивното вклучување во ризични настани кои може да ескалираат со насилство”- објаснуваат од Меѓаши.
Конвенцијата за правата на детето во членот 15, потенцира дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање и во однос на остварувањето на ова право не може да се наметнуваат никакви ограничувања освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите. Во член 12 од Конвенцијата предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание.
“Детската
амбасада Меѓаши го поддржува правото на јавен собир, но само во услови кога
безбедноста на децата е загарантирана и кога тие не се користат како декор или
средство за манипулација и изразување туѓи ставови и размислувања.Гледаме што
се случува со децата во Сирија. За нив организираме помош на солидарност со
здружението Легис, за да им помогнеме! Да не дозволиме утре тоа некој друг да
го прави за децата од Македонија” - порачуваат од Меѓаши.