Владата му крои список со советници на Мицкоски
Објавено во: Економија 18 Септември, 2024
По примерот на претходните влади и премиерот Христијан Мицкоски ќе има свои надворешни советници, кои ќе бидат хонорарно платени за да соработуваат со претседателот на Владата.
Од она што го дознаваме, дел од советниците ќе бидат професорите од правниот факултет „Јустинијан Први“ - Александар Спасеновски и Лазар Јовевски. Спасеновски е професор по уставно право и поранешен пратеник, кој сам ни ја потврди информацијата.
- Знам дека досега се избрани неколкумина, но не ги знам имињата на преостанатите. Јас ќе бидат хонорарно ангажиран како надворешен советник за европски интеграции, а за другите не би можел да кажам, ни рече Спасеновски.
Јовевски како професор по трудово право му беше советник на Мицкоски како стратешки соработник во рамки на партијата. Од партиската листа на стратешки соработници Гордана Сиљановска Давкова стана претседател, Сања Божиновска и Борко Ристовски станаа министри за енергетика, односно за спорт, додека Александар Климовски доби позиција директор во АД Државна лотарија.
Во моментов не е познато колкава ќе биде листата на советници, а од Владата единствено ни одговорија дека тимот уште се комплетира и дека ќе биде објавен пред јавноста кога ќе биде целосен.
На интернет страницата на Владата и натаму стојат 15-те поранешни надворешни соработници на претходниот премиер Димитар Ковачевски, меѓу кои најплатени се Зоран Верушевски, Ели Бојаџиеска-Ристовски и Елена Оранска Петковска со над 70.000 денари месечни примања. Едно време Ковачевски имаше 8 соработници и 35 надворешни советници.
На веб сајтот ја има само листата на 29-те редовно вработени административни службеници во канцеларијата на премиерот Мицкоски.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.