Владата не се откажува, Субрата Рој и покрај тужбата ќе инвестира во Македонија
Објавено во: Економија 20 Февруари, 2013
„Во изминативе десетина дена бевме во постојан контакт со највисоките претставници на Сахара. Од таму ни беше потврдено дека нивниот интерес и активности поврзани со проектите во Македонија на никој начин не се афектирани и работата продолжува непречено. Оваа нивна определба за сите домашни и меѓународни проекти е истакната и во официјалното соопштение објавено од страна на Сахара“, изјави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.
Според Мизо, присуството на претставници на компанијата Сахара во Македонија се одвива според претходно договорениот план и динамика,а нивната работа била насочена кон анализа на сите потенцијални проекти од различни сфери на интерес и средби со претсавниците на релевантните државни институции.
Компаниите „Sahara India Real Estate Corporation Limited“ и „Sahara Housing Investment Corporation Limited“, како што е објавено во индиските медиуми, немаале никакви обврски.
„Вкупните обврски на двете компании беа 4774.32 милиони долари, а вкупната исплатена сума е 4095.81 милиони долари. Неисплатените обврски беа 678,51 милиони долари. Повеќе од 50 проценти од оваа сума е веќе исплатена од страна на компанијата кон инвеститорите во руралните области и оваа сума е во процес на верификација. Каматата од 15 проценти на целата сума е 253.80 милиони долари. Исплативме на СЕБИ 948,15 милиони долари. Според тоа, Сахара од денес нема никакви обврски, напротив ќе биде во можност да поврати големи средства од СЕБИ. Информациите во врска со хипотеката на имотите на овие две компании се целосно неточни, измислени и неосновани“, стои во соопштението од индиската компанија.
Компанијата тврди дека е неправедно била обвинета првпат во изминатите 34 години од своето работење и очекува дефинитивно вистината да излезе на виделина.
Минатата недела беше објавено дека Индиското регулаторно тело СЕБИ, на барање на Врховниот суд на Индија, ги замрзна сметките на компаниите на милијардерот Субрата Рој.
Индискиот милионер најави изградба на монденски туристички центар на Охридското Езеро, кај Љубаниште, потоа изградба на споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје и вложување во земјоделскиот сектор на Македонија.
Утрово со соопштение се огласи и групацијата на Субрата Рој. Тврди дека проблемите со индиските власти се надминати. "Повеќе од 50 проценти од долгот е веќе исплатен од страна на компанијата кон инвеститорите во руралните области и оваа сума е во процес на верификација. Сахара од денес нема никакви обврски. Информациите во врска со хипотеката на имотите на компаниите се целосно неточни, измислени и неосновани" истакнуваат од групацијата. Субрата Рој македонската јавност го запозна како инвеститор кој двапати ја посети земјава и најави изградба на луксузен хотелски комплекс во Охрид, како и споменик на мајка Тереза во Скопје.