Добивај вести на Viber
Она што Владата го најави - го спроведе во првиот месец од оваа година. На домашниот пазар, се задолжи со две обврзници со рок на доспевање од по 10 години. Парите што сега ги позајми од домашните кредитори, ќе треба да ги врати Владата што ќе ја менаџира државата во 2024 та година. Иако станува збор за помала сума на пари, експертите велат дека, со овој прв обид Владата практично го тестира пазарот, а со тоа и интересот за купување на долгорочни хартии од вредност. Структурата на внатрешните долгови во последните две години е значајно променета, односно се зголемува уделот на долгорочните долгови, кои ќе треба да ги враќаат генерациите во иднина. Вчера, преку продажба на записи, Владата се задолжи со вкупно 23,3 милиони евра, а денеска по основ на доспеани треба да исплати 3,5 милиони евра.
Владата ги издаде првите 10 годишни обврзници – што значи тоа?
Второ задолжување на Владата од почетокот на оваа година – за првпат на домашниот пазар издаде две обврзници со рок на доспевање од по 10 години. Преку, продажбата на овие долгорочни хартии од вредност обезбеди скоро 3 милиони евра, колку што и предвиде со претходно објавените проспекти.
Според експертите, малиот понуден износ се толкува како вообичаен потег за првиот обид, преку кој Владата го тестира пазарот и интересот на домашните кредитори..
Издавањето на долгорочните хартии од вредност веќе беше најавено од Владата. За двете обврзници, со рок на доспевање од 10 години, Владата се обврзува во следната децанија секоја година, еднаш годишно да исплаќа камата. Во едниот случај станува збор за обврзница со двизна клаузула за која ќе се плаќа камата од 5% а за другата, со денарска клаузила камата од 5,30%, секоја година, се до доспевањето на главницата во 2024 та. Станува збор за фиксни каматни стапки.
“Купонската камата значи дека владата, без разлика која и да е, ќе мора до 2024 та , секоја година да исплаќа купонска камата, додека главницата ќе биде исплатена по истекот на десетте години. Логично е дека, колку што е подолг периодот за отплата на долгот, толку се поголеми и трошоците на државата по основ на камати а поголем е ќарот за оние кои ги откупиле обврзниците“ – вели поранешниот министер за финансии и универзитетски професор
Никола Поповски.
Државната обврзница со рок на доспевање од 10 години, која се понуди со девизна клаузула, практично значи заштита за оние кои ја купија обврзницата.
“Каматата може да биде променлива, тоа значи да се врзе за одредени, други движења, најчесто во ваков случај би се врзала за други, стабилни камати. Следната опцијае фиксна камата, без можност за промена и третата опција е купонската камата да биде со девизна клаузула. Во ваков случај, купувачите се заштитени од евентуална девалвација на денарот, додека издавачот, односно државата пак се соочува со опасноста од зголемени трошоци“ – вели Поповски.
Токму задолжувањата на домашен терен зафатија скоро 40% од Јавниот Долг на Централната Влада. Заклучно со ноември, долгот на Владата кон домашните кредитори надмина 1 милијарда евра. Анализата на структурата на долгот покажува дека има значаен пораст на долгорочните задолжувања на кои отпаѓаат дури 34,3% од домашниот долг. На почетокот од 2013 та година, долгорочните долгови учествувале со само 5,26%.
И натаму со 55,7% најголем удел во кредитирањето на Владата имаат комерцијалните банки, но нивното учество се намалува. За разлика од нив, расте улогата на Пензиските фондови кои имаат удел од 24,7%. Во јануари, лани нивното учество било само 4,6%.
По вчерашната аукција на државни хартии од вредност, Владата од домашните кредитори позајми 23,3 милиони евра, иако првично бараше околу 17 милиони евра. Денеска по основ на доспеани записи, државата треба да врати 3,5 милиони евра, со што преостаната сума од 20 тина милиони евра останува за финансирање на буџетските трошења.
Како, колку и за што ќе се задолжува Владата?
За оваа економска година, според најавите од власта, буџетските дупки главно ќе се финансираат преку задолжувања на домашен терен. Не е исклучена и можноста од издавање на Еврообврзница, но според оценките, тоа ќе зависи од состојбите на меѓународните финансиски пазари. Годинава банките, пензиските фондови и осигурителните компании ќе бидат клучните владини кредитори.
Почнувајќи од јануари, или во текот на првите шест месеци од оваа календарска година, Министерството за финансии објави дека ќе спроведе 18 аукции на кои преку продажба на државни записи и обврзници ќе обезбедува пари за тековни буџетски трошења но и за враќање на доспеаните обврски.
Анализата на податоците покажува дека во првиот квартал од годинава, почнувајќи од 8 ми јануари до крајот на март, ќе се спроведат девет аукции. Од друга раздолжување по основ на доспеани записи е закажано само во четири денови во текот на првиот економски квартал, што значи дека новите задолжувања ќе користат главно за финансирање на тековните буџетски потреби уште на почетокот од годината. Во првите три месеци по основ на доспеани долгови, државата на домашните кредитори треба да им врати скоро 84 милиони евра.
За разлика од првиот економски квартал, и во вториот се најавени 9 нови аукции на државни хартии од вредност, но во овој период речиси по секој аукциски ден е најавено и раздолжување на доспеани долгови, што би значело дека со новите задолжувања ќе се враќаат стари долгови.
Сепак, и овие анализи не се конечни со оглед на тоа што често Владата се задолжува повеќе отколку што преходно најавува преку Проспектите на Министерството за финансии.
Власта веќе процени дека во 2014 та главниот извор за финансирање на буџетските дупки ќе го бара на домашен терен и тоа главно преку продажба на долгорочни хартии од вредност, односно создавање на долгови што ќе се исплаќаат во следните дури и 10 години.
“Посебен акцент ќе се стави на продолжување на рочноста на постојното портфолио на државните хартии од вредност, кое се состои од 2,3 и 5 годишни државни обврзници, со издавање на 7 и 10 годишни државни обврзници. Особен интерес за вложување во долгорочните хартии од вредност издадени од Република Македонија се очекува од Пензиските друштва, како и од банките и осигурителните компании“ – пишува во Фискалната Стратегија на владата.
Економистите се поделени за тоа од кои извори треба да се финасираат дефицитите. Дел сметаат дека во услови на неизвесност на меѓународните финасиски пазари, Македонија не треба да ризикува задолжувања со високи камати. Дел пак, велат дека задолжувањата на домашен терен ја “гушат“ економијата поради врзување на големи суми пари од сметките на банките на сметка на државата, наместо за кредитирање на фирми и на граѓани.
Меѓународните финансиски институции и дел од експертите оценија дека оваа економска година треба да забави темпото на натамошен раст на Јавниот Долг на Централната Влада, во кои се вклучени домашните и странските кредити.
И.М.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.