Владата повлече нога! ТК Прилеп ги зголеми откупните цени на тутунот за 10 отсто
Објавено во: Економија 02 Јануари, 2024
Владата како најголем акционер во Тутунскиот комбинат Прилеп изгласа зголемување на откупните цени за кило тутун во сите три класи за по 10 отсто во секоја класа. Така сега кај најквалитетниот тутун цената за еден килограм е зголемена за пола евро, а кај класата со најслаб квалитет покачувањето е 0,3 евра за килограм
Владата го одржа ветувањето пред тутунарите и даде пример за приватните откупувачи на тутун. Тутунски комбинат Прилеп (ТКП), на последното акционерско собрание од 26 декември 2023 година, донесе одлука со која ги зголеми откупните цени на сите класи тутун за по 10 отсто.
Тоа значи дека сите тутунопроизводители кои имаат договори за откуп со ТКП единствен државен откупувач на тутун во Македонија ќе склучат аванс на договорот со кој ќе добијат за 10 отсто повисоки цени од тие што биле регулирани во стариот ценовник на комбинатот. Новината со откупните цени е предизвикана од протестите и незадоволствотото на тутунопроизводителите ширум земјава кои бараа повисоки откупни цени.
Станува збор за ориентален односно ароматичен тутун претежно од сортата „јака“ по кој Македонија е прочуена и ценета на глобалниот тутунски пазар. Тоа е автохтона сорта ароматичен тутун производена од македонски научници и тој тутун ја дава неопходната арома на цигарите. Според официјални податоци за 2022 година на цела територија на Македонија биле откупени нешто над 21.000 тони ароматски тутун што е за 20 отсто помалку од планираните 26.000 тони.
Со одлуката што ја донесе ТКП во чија акционерска структура Владата е убедливо најголем сопственик, поседува над 80 отсто од сите акции со право на глас, се зголемуваат откупните цени за килограм тутун во трите класи.
Сега за килограм ароматичен тутун со првокласен квалитет ТКП ќе плаќа 330 денари наместо досегашните 300 денари. За втора класа ароматичен тутун цената се зголемува за 24 денари и се килограм ќе се откупува за 264 денари. За трета класа по квалитет ТКП ќе доплати 18 денари, а цената за еден килограм сега ќе изнесува 198 денари.
Исто така се зголемува и цената за дополнителен во класата 1 и сега тој тутун ќе се откупува за 10 денари повеќе односно за цена од 110 денари. Мувливиот тутун ќе се откупува по цена од 14 денари за еден килограм.
Новите цени ќе важат за сите тутунопроизводители кои со ТКП склучиле договори за реколтата во 2023 година.
Како работи единствениот државен комбинат за откуп на тутун и производство на цигари?
ТКП лани одбележа 150 години постоење. Веројатно тоа е најстарата активна компанија во Македонија. Но веќе од подамна го изгуби приматот на најголем откупувач и производител на цигари. Според податоците за 2022 година ТКП во вкупниот откуп на тутун учествувал со 10,5 отсто односно откупил 2.208 тони ориентален тутун, а та година се вкупно откупени 21.000 тони тутун.
Од пред неколку години ТКП има партнерски односно со глобалниот производител на цигари „Филип Морис Интернешенл“. Вреди да се истакне тоа што оваа компанија во последниве години има континуитет на раст на производството на готови цигари. Според нивниот најнов корпоративен извештај кој се однесува на 2022 година пишува дека во таа година произвеле речиси 627 милиони цигари и тоа е најголемо годишно производство на цигари од 2014 година.Тоа значи дека во 2022 година просечно месечно произведувале 52,3 милиони цигари. Од аспект на учеството во производството според форматот на цигари (класи) најмногу произвеле од форматот 7.0 и нивниот број е 390,8 милиони за цела година. Од форматот SOFT произвеле 124,2 милиони парчиња, а форматот RCB 112 милиони парчиња. Просечната месечна плата за 2022 година изнесува 28.782 денари што и не е меѓу најдобро платените државни работни места во производството.
Во првите девет месеци годинава оваа компанија имала приход од продажба во износ од 12,7 милиони евра. Од тоа на извоз отпаѓа 73 отсто од целата продажба. На домашниот пазар компанијата пласирала цигари и тутун во вредност од 3,4 милиони евра. На крај на септември имале добивка од 25.000 евра што во споредба со истиот период во 2022 година е зголемување од 33 отсто.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.