ВЛАДАТА ЗА БЕЛАТА ЛИСТА НА ЕУ - правиме напори да влеземе по две недели, но и граѓаните да ги почитуваат мерките
Објавено во: Македонија 02 Јули, 2020
Владата прави максимални напори земјава да влезе во „белата листа“ на Европската унија, но во тоа ќе мора да и помогнат и граѓаните, со дисциплина и со почитување на мерките за заштита. Вака би можел да се парафразира одговорот што Фактор го доби од власта, откако земјава дефинитивно изостана од списокот на 15 држави за кои Унијата одреди дека ќе можат таму да патуваат без ограничувања. Европјаните на секои две недели ќе ја ажурираат листата, но прашање е дали и од 15 јули нашите граѓани ќе добијат право да посетат некоја од европските дестинации.
Фактор ја праша Владата дали оваа одлука на Советот на ЕУ ја чувствуваат како своевиден неуспех, со оглед што не успеавме да го исполниме критериумот кој го бара Унијата, а тоа е во последните две недели да нема над 100 заболени од коронавирусот на 100.000 жители. Ова дотолку повеќе што Србија и Црна Гора беа ставени на европскиот список. Граѓаните ги интересира и дали има шанси со некоја од државите, на пример Грција, земјава да склучи билатерален договор за наш влез во таа држава. Исто така, дали кога после две недели ЕУ повторно ќе одлучува, има шанси Македонија тогаш да се најде на таа листа, и што конкретно презема Владата во таа насока.
Од Владата велат дека постојано се во комуникација со институциите на Унијата.
„Владата на Република Северна Македонија и надлежните институции прават максимални напори за успешно справување со пандемијата и со нејзините здравствени и економски последици. Постојано сме во комуникација со институциите на Европската Унија и многу направивме заедно во заедничкото справување со пандемијата. Северна Македонија беше внесена во механизмот на ЕУ за итни набавки на медицински материјал, опрема и лекови, како и во сите системи за здравствена и финансиска помош“, објаснуваат од Владата.
Оттаму нагласуваат дека конкретната т.н. бела листа се конципира врз основа на основниот епидемиолошки критериум за бројот на нови Ковид-19 случаи.
„Со мерките и препораките работиме секојдневно на намалување на бројката на заболени пациенти за да овозможиме брза нормализација на животот на граѓаните, што подразбира и слободно патување. Северна Македонија соработува, редовно доставува податоци и учествува на видео состаноците на Комитетот за здравствена безбедност на ЕУ и на Европскиот центар за превенција и контрола на болести кој ги подготвува епидемиолошките проценки за сите трети земји. Листата ќе се ажурира на секои две недели, со вадење или ставање на земји во листата, во согласност со развојот на епидемиолошката ситуација во секоја од нив засебно“, објаснуваат од Владата.
Нашите власти нагласуваат дека Северна Македонија ги отвори границите, и очекуваат во најскор можен рок да влеземе на Белата листа на ЕУ за слободно патување во Шенген зоната.
Но, нагласуваат дека тоа ќе зависи и од самите наши граѓани, па колку тие повеќе ги почитуваат мерките, толку побрзо ќе се најдеме на белата листа.
„Одлуката по прашањето за патување на нашите граѓани кон земјите од ЕУ беше донесена врз основа на епидемиолошка слика. Затоа важно е дисциплинираното придржување и почитување на мерките за лична заштита. Колку повеќе се придржуваме до нив, толку побрзо и нашата земја ќе биде на т.н. Бела листа“, потенцираат од Владата.
Инаку, треба да се напомене дека Советот на ЕУ кој ја одобри Белата листа, предупреди дека примената на препораката ќе биде исклучиво во надлежност на земјите членки.„Земјите членки можат, на транспарентен начин, постепено да ги зголемуваат патните ограничувања само за наведените земји. Тие не треба да решаваат да ги укинат патните ограничувања за оние земји што не се на списокот пред да се постигне координиран договор“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.
А токму ова на своја кожа вчера го почувствуваа граѓаните на Србија, за кои Франција го дозволи влезот, но Србите се уште не можат слободно да патуваат во Германија, Австрија и Словенија.
Тоа по се изгледа ќе им важи и за Италија, бидејќи неколку часа откако ЕУ ја објави листата, италијанските власти соопштија дека ќе ги задржи правилата за карантин за патниците што доаѓаат од надвор од земјите од ЕУ.
„Глобалната состојба останува многу сложена. Мора да спречиме сите напори и жртви во последниве месеци да бидат залудни“, рече италијанскиот министер за здравство.
А српските граѓани од вчера не можат да влезат ниту во Грција преку граничниот премин Евзони, односно преку Македонија, туку на грчкото море ќе мора да пристигнат преку Бугарија. Овој премин ќе остане затворен до 15 јули за српските туристи.
Во врска со ова прашање се чини дека во најповолна позиција се македонските граѓани со бугарско државјанство, кои благодарение на своите пасоши ќе можат да патуваат во Бугарија и во сите останати земји кои се најдоа на белата листа на ЕУ.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.