Влијанието на странските инвестиции врз штедењето и кредитирањето
Објавено во: Финансии 13 Мај, 2014
пишува м-р Николче Трајчески, Стопанска Банка а.д. Битола
Што ги натера странските сопственици на капитал да вложуваат во банкарскиот бизнис во Македонија? Одговорот е: профитот. Глобалните меѓународни играчи не се алтруисти. Тие очекуваат поврат на вложените средства. Пред почетокот на светската економска и европската должничка криза, просечниот поврат на вложените средства во земјите од еврозоната беше од 8 - 14 %. За земјите во транзиција повратот се движеше од 20 до 30 %, а за Балканот овој поврат на вложени средства не беше помал од 25 %. Тоа е вистинскиот одговор на прашањето: Зошто странскиот капитал е присутен во банкарскиот сектор во Македонија? Банкарскиот сектор е еден од неколкуте сектори каде што ефектите (позитивни и негативни) од СДИ ги чувствуваат буквално сите граѓани директно на своја кожа. Токму поради тоа влезот на СДИ во банкарскиот сектор е високо регулиран, процедурален и контролиран од регулаторните органи. Република Македонија е мала, отворена и увозно зависна економија. Економскиот раст може да се генерира со раст на потрошувачката, инвестициите или извозот. Извозот во Македонија генерално погледнато, практично е непроменет, и вредносно и структурно. За волја на вистината, во него во последните неколку години значително учество имаат извозот на автомобилски делови и компоненти, што ја видоизменува и подобрува како структурата така и вредноста. Но ако како за компарација ги земеме транзиционите економии од Централна и Југоисточна Европа, може да се заклучи дека истите го имаат зголемено својот извоз помеѓу 50 и 300%. За да расте извозот, мора да расте производството, а за да расте производството, тоа мора да биде конкурентно на пазарот. За да се создадат, пак, конкурентни производи на пазарот, потребно е да се инвестира. Но во Република Македонија инвестициите во основни средства долги години наназад не надминуваат 16 % од БДП, што претставува една од најниските стапки во Европа. Како последица на тоа просечната стапка на реален раст на БДП во периодот од 1993 - 2012 година изнесува 1, 8 %. Ако се земе во предвид искуството на најнапредните економии во транзиција кои на 01.05.2004 година станаа дел од ЕУ, тогаш како императив се наложува потребата од постигнување на ниво на инвестиции над 20 % од БДП. Штедењето кое е основен извор на инвестиции, во Република Македонија никогаш не било доволно, и отприлика има капацитет да обезбеди не повеќе од 500 милиони евра годишни инвестиции, што е помалку од годишното трошење на постојаните средства (амортизација) кое изнесува близу 600 милиони евра. Од тоа произлегува дека на македонската економија и требаат околу 1 милијарда евра годишни инвестиции како би можело да се генерираат посакуваните стапки на економски раст од 4 % до 5 %. (За ова година првите луѓе на ММФ, Кристин Лагард и Светска Банка, Јонг Ким, предвидуваат раст на светската економија од 3,6% а в, година 3,9%). Недостатокот од близу 600 милиони евра, македонската економија може да го обезбеди само од странското штедење, односно да се 'увезат” странски пари. Тој т.н. 'увоз” на странски пари може да се направи преку две форми: задолжување во странство и СДИ. Не треба многу економска мудрост за да се одбере поповолната варијанта за земјата. Ако се има во предвид финансискиот систем на Република Македонија, кој се карактеризира со едноставна структура, апсолутна доминација на банкарскиот систем со низок степен на секторска поврзаност и слаба меѓусекторска интермедијација од потенцијалната, тогаш недвојбено може да се констатира дека банкарскиот систем и банките имаат клучна улога, како во поттикнување на штедењето така уште повеќе во алокацијата и редистрибуцијата на слободните пари на граѓаните и стопанството. Кај банките се наоѓа клучот за поттикнување на штедењето (секако не треба да се занемари економската и монетарната политика на Владата и НБРМ) што е предуслов за зголемување на инвестициите. Но ако штедењето, како што погоре констатиравме, е недоволно и, ако на тоа се додаде сознанието дека граѓаните надвор од финансискиот систем држат под перница помеѓу една и две милијарди евра, тогаш прашањата кои се поставуваат се следните: Што прават деловните банки за да ги мотивираат граѓаните да ги внесат своите пари во финансиските канали и да почнат да штедат? Дали и колку странските директни инвестиции во банкарскиот сектор во Македонија имаа влијание на економскиот раст и развој преку мотивирање на штедењето и поттикнување и поддршка на инвестициите? Каква и колкава активност покажаа банките во делот на штедењето и кредитирањето, пред и по влезот на странскиот капитал ? Граѓаните на Република Македонија традиционално се склони кон штедење. И покрај високата стапка на невработеност, ниските лични примања и сл., искуствените показатели говорат дека во Република Македонија граѓаните се склони кон штедење. Но негативното искуство што го имаа штедачите со неколкуте силни удари кои ги претрпи македонскиот банкарски систем (почнувајќи од заробените девизни заштеди, пирамидалните штедни системи, пропаѓањето на неколкуте деловни банки) исклучително силно ја нарушија довербата на штедачите во деловните банки. Но тоа не значеше дека тие престанаа да штедат. Напротив, само што сега веќе не ги ставаа своите заштеди во банка, туку ги извлекуваа од финансиските канали и физички ги депонираа, ги чуваа дома. Така што овој вид на штедење веќе ја губи карактеристиката на штедење и сè повеќе добива атрибути на тезаурирање. Негативните последици од оваа активност сè повеќе од јасни, како за сопствениците на парите така за депозитните институции и на крај за државата, како целина. Враќањето на довербата и тезаурираните пари во банкарскиот систем беше тешка и долга работа. Системското враќање на довербата покрај промената на законската регулатива, зајакнувањето на регулаторните тела, покачувањето на стандардите, основањето на нови институции (Фонд за осигурување на депозити) опфаќаше и опфаќа дозвола за влез на странски капитал во деловните банки. Со последното се сакаше, покрај другите цели, да се постигне и една друга индиректна, но исклучително битна цел, а тоа е преку директното присуство во сопственичката структура на деловните банки, а посебно доминантна сопственичка структура на странски реномирани банкарски брендови, да се зајакне довербата на штедачите во банките, тоа да влијае мотивирачки, и не само да се врати шедењето, туку истото и да се зголеми. Од денешна гледна точка, анализирајќи ги билансите на деловните банки во Република Македонија во кои има доминантен директен странски инвеститор, недвојбено може да се извлече констатација дека се бележи континуиран пораст на депозитите, посебно на населението како најголема целна група. Со оглед на тоа дека од вкупниот број на банки во Република Македонија 13 се со доминантна странска сопственост, претходната констатација слободно може да се однесува и на ниво на банкарски систем. Зголемувањето на штедењето ја даде шансата и за зголемување на кредитирањето. Исто така, билансните показатели на банките со доминантен странски капитал покажуваат нагорен тренд на кредитната активност од моментот на влезот на странскиот капитал во банката. Аналогно на претходно констатираното, зголемувањето, но и проширувањето на кредитната активност, како по целни групи, по дејности кои се кредитираат, видови на кредити и сл., се однесува на целиот банкарски систем, имајќи го предвид присуството на СДИ во банките, како во обем така и во број. Претходно кажаното најдобро го илустрираат податоците за состојбата на одобрените кредити на нефинансиски субјекти на ниво на банкарски систем и прибраните депозити од нефинансиски субјекти во периодот од 2000 - 2012 година vis-à-vis учеството на странскиот капитал во вкупниот банкарски капитал. Како период за анализа е земен периодот од 2002 - 2012 година, од причина што од 2000 година започнува понагласеното присуство на странскиот капитал во банкарскиот сектор во Република Македонија. Имено, ако со состојба на 31.12.1999 година учеството на странскиот капитал во вкупниот банкарски акционерски капитал, на ниво на банкарски сектор изнесуваше 19, 3 %, со состојба на 31.12.2000 година учеството е пораснато на 40,8%, од кога почнува во континуитет да расте до денес. Врз основа на презентираните податоци од претходната табела, произлегува дека со сè поголемото присуство на странскиот капитал во банкарскиот сектор, во континуитет се зголемува и кредитирањето, но и штедењето, при што штедењето расте со поголем интензитет. Тоа значи дека странските сопственици на банките после преземањето на управувањето практикувале проактивно банкарство и тоа резултира со раст на кредитирањето и штедењето. Со новиот менаџмент и новите банкарски производи кои почнале да се практикуваат, деловните банки направиле и прават мошне успешна реалокација на слободните парични средства од македонската економија. Растот на штедењето, од една страна, и проектираните и посакувани профитни стапки, кај странските сопственици резултира со зголемена активност на кредитирањето. Со зголемената кредитна активност се исфинансираа и сè уште се финансираат голем број на развојни приватни проекти, кои своите стапки на раст и развој ги вградија во националните стапки. Значи СДИ во македонскиот банкарски систем, се разбира во комбинација со активностите и политиките на монетарните власти, влијаеше стимулативно на штедењето, а како резултат на тоа и на кредитирањето, од кое еден значителен дел е инвестиционо.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.