ВМРО-ДПМНЕ: Бисера Антоанета купувала брендови во Саудиска Арабија со службени пари
Објавено во: Македонија 03 Септември, 2024
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ денеска го продолжи серијалот „Бисера Антоанета“, а во денешната „епизода“ изнесе податоци според кои поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска купувала брендови во Саудиска Арабија со службени пари.
„Бисера Антоанета трошела пари од службената картичка за приватни работи и на нејзиното патување во Ријад, Саудиска Арабија. Во период од 12.09.2023 до 18.09.2023 година Антоанета е на службен пат во Ријад, Саудиска Арабија, а од 19.09.2023 до 21.09.2023 година е во Брисел, Белгија. За оваа намена таа подига пари во кеш од благајната на министерството 2.000 долари и 900 евра“ рече денеска Лефков на прес-конференција.
Според пратеникот, таа „во ALL Hillal купила 5 дреса од фудбалски клуб за 70 евра, платени со службени пари. Шопинг манијата на Бисера Антоанета не застанува тука, таа во Parfois продавница за накит, облека и аксесоар за жени потрошила 20 евра, а во Alshaya group си купила козметички производи за 35 евра и истите ги платила во кеш“.
„Бисера продолжила, и секако од куфер повеќе дома никогаш не боли глава, па одлучила во Niccole Miller да купи мал куфер за 38 евра, и да го плати во кеш со службените пари. Куферот морал со нешто да се наполни, па Бисера Антоанета заминала во Apparel group каде си купила темно плава кошула за 39 евра, и 3 ПОЛО ХХL црни маици за 95 евра. Сите овие кошули, куфери, поло маици, накит и облека ги плаќала или со службената картичка или со службените пари“ додаде Лефков.