ВО АПРИЛ 66 ПОЧИНАТИ ПАЦИЕНТИ, ВО МАЈ 63, ДО ПОЛА ЈУНИ 53: Болниците полни до максимум
Објавено во: Македонија 16 Јуни, 2020
Статистиката за
бројот на починати пациенти од корона вирусот од почетокот на епидемијата во
земјава е загрижувачка. Вкупниот број до сега изнесува 193, но по месеци тоа
изгледа вака: во март, откако земјава ја започна борбата со Ковид-19, починаа
11 пациенти, во април кога здравствените власти велеа дека вирусот го
достигнува пикот, бројот на починати до крајот на месецот беше 66, заклучно со
31. мај, починаа 63 пациенти, а само до 15 јуни, односно само за половина
месец, пациенти кои починаа од корона вирусот се 53. Здравствените власти велат
дека речиси сите пациенти кои се хоспитализираат во последниот период, доаѓаат
во многу тешка состојба, откако претходно најмалку десеттина дена седеле дома и
се обидувале сами да се излечат.
Болничките капацитети во земјава се полнат пребрзо, така што веќе нема место во ГОБ „8 Сепрември“, додека на Инфективната клиника остануваат уште само неколку празни кревети. Од Итната медицинска помош, за Фактор велат дека секојдневно во овие две здравствени установи се носта од 20 до 25 пациенти.
-Возилата на Итната медицинска помош, во зависност од состојбата на пациентите, во текот на денот превезува од 20 до 25 пациенти до ГОБ „8 Септември“ или на Клиниката за инфективни болести. Тоа што сакам да го порачам до пациентите кои се јавуваат и бараат помош, е да бидат искрени и да даваат точни податоци за нивната здравствена состојба. Сите ќе добијат навреме медицинска помош, но секако дека приоритет се оние кои при телефонскиот повик велат дека се гушат, дека не може да дишат. Реагираме веднаш, па во зависност од местото на живеење, Брзата помош стигнува за 10-15 минути, најмногу до половина час. Работиме според протоколите без исклучок, вработените се максимално заштитетни, па само двајца-тројца од колегите се во самоизолација, немаме заболени од здравствените работници. Но, мора да истакнам дека недостигаат медицински екипи и во Итната медицинска помош. За жал, дел од персоналот си замина, па за сега функционираме само со 8 до 9 екипи, но ако има потреба ќе го зголемиме тимот, вели за Фактор д-р. Милица Бубало, раководител на Итната медицинска помош.
Инаку, поради исполнетиот капацитет на Клиниката за инфективни болести, од денеска треба да биде ставена во функција и монтажната болница, која е целосно опремена. Директорката на Клиниката, д-р. Милена Стевановиќ вели дека тимот е засилен и со дополнителен медицински кадар, односно со 27 медицински сестри и со лекари интернисти.
-Со месеци се обидувавме да не дојде до ваква ситуација, да не се преполнат болничките капацитети, а со тоа да не се оптовари целиот здравствениот систем. Но, ситуацијата сега налага да бараме засилување на медицинскиот кадар, сите се веќе преморени, а во функција ќе мора да биде ставена и монтажната болница, која ги има сите услови за лекување на пациентите со Ковид-19 и која директно со специјално направен тунел е поврзана со Клиниката за инфективни болести. Јас лично мислам дека ова не е втор бран на вирусот, ова е само директна последица на непочитување на мерките и препораките за кои ние зборувавме сите овие месеци. Тоа што загрижува е дека пациентите бараат болничко лекување дури кога се со најтеѓки симптоми. Тие прво дома се обидуваат да се лекуваат сами, но откако состојбата значително ќе им се влоши одат во болница. Тоа е веќе доцна, затоа и смртноста е поголема. Во моментов на Инфективната клиника има 96 пациенти, од кои дури половина се на интензивна кислородна поддршка. Седењето дома, не кажувањето за болеста, не барањето медицинска помош на време, резултира со вакви состојби, вели д-р. Стевановиќ.
Истовремено, пак, проф. д-р. Никола Пановски оценува дека бројката на новозаразени нема да се намали брзо, и ваквата состојба ќе трае подолг период. Но, според него високиот број на починати се должи на факот дека во последниов период најголемиот број на починатите, кои имаат и други сериозни здравствени состојби се регистрираат како починати од корона-вирусот. Според него, тоа е медицински апсурд и прави големи забуни кај народот.
-Добро е што јачината на самиот вирус е многу помала отколу што беше. Да беше Ковид-19 вирулентен како претходно сега ќе зборуваме за многу повисоки бројки на новозаразени и состојбата ќе беше уште по алармантна, појаснува, професор Пановски.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.