Во Грција минималната плата до 2017 година ќе изнесува 586 евра
Објавено во: Балкан 16 Јули, 2013
Според нов механизам што ќе стапи во сила од 2017 година, ќе се определува минималната плата на вработените во Грција, а дотогаш таа останува на утврдениот износ од 586 евра. Ова го соопшти грчкиот министер за труд Јанис Вруцис.
Новиот механизам за пресметување на минималната плата во Грција ќе се определува од Владата, по консултации со социјалните партнери. Се воведува и законски минимален праг на плати и дневници, под чиј износ, според колективните или индивидуалните договори, нема да се одобруваат награди за вложениот труд.
На барање на меѓународните кредитори во февруари 2012 година минималната плата во Грција беше намалена за 22 отсто и од тогаш изнесува 586 евра за вработените на возраст над 25 години. Намалувањето, меѓутоа, дојде и до 32 отсто за младите на возраст под 25 години.
Кредиторите уште бараат да се укинат и додатоците за тригодишен стаж врз основа на колективните договори. Засега тие остануваат замрзнати до намалувањето на стапката на невработеност под 10 отсто.
Ако оваа опција биде прифатена, работник кој доаѓа на пазарот на трудот со минимална плата и по десет години работен стаж и натаму ќе добива 586 евра.