ВО ИГРА Е И ДОМАШНА КОМПАНИЈА - неколку инвеститори сакаат да добијат статус на стратешки
Објавено во: Финансии 24 Септември, 2020
До Владата веќе пристигнале неколку барања од компании кои сакаат да добијат статус на стратешки инвеститори. Ова на последната пресконференција го потврди и министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што е познато, новиот Закон за стратешки инвеститори стапи на сила во јануари годинава, а рокот за аплицирање е до крајот на јануари идната година.
Министерот Бектеши уверува дека овие компании нема да добијат државна помош поголема од онаа што е предвидена со Законот за контрола на државната помош, како и дека тие одредби во нашиот Закон за стратешки инвеститори се усогласени со стандардите на Европската унија. Тој, исто така, тврди дека не може да дојде до злоупотреби на овој закон, бидејќи за секој посебен договор со секој стратешки инвеститор, практично ќе се носи посебен закон, кој ќе биде даван прво на усвојување од Собранието, па дури потоа ќе може да се реализира.
Според сознанијата на Фактор, една успешна домашна компанија ќе го добие статусот на стратешки инвеститор во земјава. Нејзиното име засега не се обелоденува, но инвестицијата ќе биде објавена и во присуство на високи владини претставници.
Бектеши на
последниот прес откри дека постојат неколку заинтересирани компании.
„До Владата и до надлежните министерства веќе се пристигнати неколку апликации од страна на потенцијални стратешки инвеститори. Откако ќе се разгледаат сите нивни апликации, Комисијата која е предвидена и во Законот, а во која главно членуваат претставници од надлежните министерства, ќе ги потврди тие стратешки инвестиции. Потоа меѓу инвеститорите и Владата ќе се направи договор, кој со lex specialis закон ќе треба да биде потврден од Собранието. И кога Собранието ќе го потврди овој договор, тогаш инвестицијата дека би можела да продолжи“, објасни Бектеши.
Во Законот е предвидено дека државната помош што ќе ја добиваат стратешките инвеститори нема да може да ја надмине висината предвидена и со Законот за државна помош, која, пак, е целосно усогласена со ЕУ.
„Значи, секој инвеститор кој ќе го добие статусот на стратешки, нема да добие поголема помош од она што е предвидено во Законот за државна помош. Само што, ќе се забрзаат процедурите за реализација на вакви крупни проекти во земјава“, тврди Бектеши.
Во јавноста се појавуваат и дилеми дали овој закон би можел да биде злоупотребен, на пример преку одредбата дека статус на стратешки инвеститор би можел да добие и некој што ќе изгради голем мултифункционален градежен комплекс на градежни објекти, кои имаат повеќе од една област. Новинарите на Бектеши му го поставија прашањето, дали на пример, би се овозможило како стратешки инвеститор да се смета некој кој би изградил трговски центар.
„Не може да има злоупотреба, бидејќи секој договор преку lex specialis закон ќе биде утврден од страна на пратениците, со мнозинство во Собранието. И во зависност од областите за што е аплицирано, секако дека за тие области, на пример ако во овој случај се зборува за градежништво, ќе учествуваат и градоначалниците на општините каде што ќе биде предвидена инвестицијата, и тие таа инвестиција би требало да ја поминат на Советот на општината, а дополнително на тоа, преку Комисијата која е предвидена во Законот, треба да се потврди уште и од страна на пратениците. Во моментот кога ќе биде утврден со мнозинство во Собранието, тој договор се враќа во Владата и тогаш ќе имаме ние право, како надлежни институции, во зависност од кој сектор е инвестицијата, да го потпишеме тој договор. На тој начин стратешките инвеститори ги добиваат тие олеснувања што би биле предвидени во договорот“, објаснува Бектеши.
Додава и дека Владата, на својата веб страница ќе ги објави сите стратешки инвеститори, така што новинарите и јавноста ќе имаат прилика да ги гледаат договорите, но и сите инвеститори – во кој сектор се, и колку инвестиции предвиделе во нивнитен инвестициони планови, со што јавноста ќе можел да процени дали власта донеле соодветна одлука или не.
„Сите сектори кои се предвидени со закон, можат да добијат статус на стратешки инвеститор“, вака Бектеши одговори на прашањето од кои дејности ќе бидат фирмите што ќе можат да станат стратешки.
Некаде на почетокот на јуни годинава менаџерите на странските компании кои работат во земјава имаа состанок со генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, со цел да дознаат повеќе за влдините намери за старетшките инвестиции, во смисла, кој се ќе добие таква можност, кои се условите, какви повластувања ќе добијат оние фирми што ќе покажат желба да вложат многу пари, и слично.
Веќе е познато дека Владата неодамна објави jавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект, согласно Законот за стратешки инвестиции, кој го донесе пред неколку месеци.
Рашковски тогаш ги информираше странските бизнисмени дека со овој закон ќе се отвори можност за голем инвестициски циклус во земјава, не само на државно, туку и на локално ниво, и сето тоа со поддршка директно од државата, бидејќи, како што објаснил, стратешкиот инвестициски проект може да користи државна помош согласно Законот за контрола на државната помош.
„Кој проект ќе биде стратешки инвестициски проект, ќе одлучува Комисија составена од девет постојани членови од Владата и министерствата, и тројца привремени членови од министерствата во чија надлежност е проектот, од општината и од регулаторно тело“, објаснил генералниот секретар на Владата.
Како што веќе е познато, за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат оние со кои се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територијата на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
На јавниот повик можеа да аплицираат сите заинтересирани домашни или странски инвеститори, со проекти кои согласно условите на јавниот повик ќе се смеатат за стратешки.
Тогаш дел од странските инвеститори се интересирале и зошто со Законот се предвидува компаниите што ќе аплицираат, да треба да приложат банкарска гаранција од три отсто од вредноста на инвестицијата. Одговорот бил дека гаранцијата е потребана за да се покријат загуби за државата или општините што би настанале од евентуално нереализирање на инвестицијата.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.