Врачена протестна нота за земјата која го прими Груевски
Објавено во: Македонија 20 Ноември, 2018 06:26
Македонија бара Унгарија да го врати осудениот поранешен премиер, Никола Груевски.
Вчера Министерството за надворешни работи упати протестна нота до Унгарија откако осудениот Груевски избега во Будимпешта и побара тој да биде вратен во Македонија.
Во Министерството за надворешни работи е повикан амбасадорот на Унгарија Ласло Дукс, на средба со државниот секретар Виктор Димовски.
„Целта на средбата беше предавање на протестна нота од македонска до унгарска страна, а по повод последните информации поврзани со бегството на Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија“, велат од Министерството за надворешни работи.
На Дукс му било кажано дека Унгарија треба да постапи во духот на добрите билатерални односи, на европските вредности и принципи поврзани со владеење на правото.
„Во тој контекст веднаш и без одлагање се надеваме дека Унгарија ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски и истиот ќе го предаде на Република Македонија, заради извршување на изречената казна затвор, како и продолжување и завршување на останатите судски постапки против него“, му рекол државниот секретар Димовски на амбасадорот Дукс.
Во унгарскиот парламент, вчера се расправаше и за бегството на Груевски во Будимпешта и барањето политички азил. Балаш Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, рече дека Груевски добива специјален третман затоа што бил 10 години премиер.
Тој потврди дека Груевски навистина аплицирал за азил, повторувајќи дека намерата да побара азил од Унгарија ја соопштил во амбасада во друга земја, без да прецизира која.
Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.
На 12 ноември полицијата го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по него.
На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот.
Албанија на 15 ноември официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил на Амбасадата на Унгарија во Тирана.
Црногорската полиција на 15 месецов потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.
Унгарската опозицијата не е задоволна од фактот дека Груевски кај нив бара азил.
Можеби ќе ве интересира
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината
Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица




