ВРНЕЖИТЕ ВО СЛЕДНИОВ ПЕРИОД ЌЕ БИДАТ ПООБИЛНИ - еве какво време најавува Попоски
Објавено во: Македонија 08 Декември, 2024
Продолжува периодот во Македонија на многу променливо време, со серија на влажни воздушни бранови од запад, кои ќе условуваат повремнени врнежи од дожд, а на планините, во западните предели и на повисоките места до околу 1.000 метри надморска височина ќе има врнежи од снег. На планините и на Скијачките центри постоечката снежна покривка повремено ќе се зголемува.
Ова го најавува метеопрогнозерот Славчо Поповски на неговата веб страница „Метеоаларм“.
- Повремено врнежите во следниот период ќе бидат пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер кој повремено ќе засилува на интензитет
Во Скопскиот регион исто така продолжува периодот на променливо време со повремени врнежи од дожд, а на околните планини повремено ќе врне снег.
Што се однесува до температурите, тие ќе бидат пониски особено во утринските часови и се спуштаат во интервалот од -3 до 3. Максималните температури денеска се очеквуа да се искачат во интервалот од 4 до 12 степени.
Сепак, од попладнево и вечерва ќе има нови врнежи од дожд, и снег на планините и на Скијачките центри, каде снежната покривка повторно ќе се зголеми. Снежната граница повторно во западните предели би можела да се спушти до околу 1000 метри надморска височина, со што снег се очекува да врне и на повисоките места - нагласува Попоски.