ЗА 900 ЕВРА ОДАМНА НЕМА СТАН, АМА УШТЕ СЕ УСЛОВ ЗА „КУПИ КУЌА КУПИ СТАН“ - набргу ќе се објави последниот јавен повик за проектот кој го почна претходната, а ќе го заврши оваа власт
Објавено во: Економија 13 Мај, 2022
Набргу треба да се објави јавен повик за проектот Купи куќа купи стан, и тој ќе биде последен, по цели десет години постоење на оваа државна акција за полесно обезбедување на сопствен дом на граѓаните.
Од Министерството за финансии на барање на Фактор велат дека јавниот повик треба да биде објавен наскоро, и тоа и на нивната веб страница, и најмалку во два електронски и пишани медикуми во земјава, како и во „Службен весник“, што ќе следува откако Владата, на седница на почетокот на април, донесе таков заклучок.
„Министерството за финансии заедно со другите вклучени институциите работи на процедурата за објавување на јавниот повик и тој се очекува наскоро да биде објавен“, велат од ресорот за финансии.
Клучната работа за која се интересираше Фактор, е дали и во овој последен јавен повик за Купи куќа купи стан, ќе се бара цената на станот што се купува да не биде повисока од 900 евра, со оглед што таков стан одамна веќе не постои во главниот град на земјава, дури и да се „бара со лупа“, па и да е стар и нереновиран, бидејќи цените на становите во последнава година рапидно пораснаа, па не е возможно да се обезбеди стан поевтин од 1.300 или 1.400 евра од квадрат, дури и во помалку атрактивните локации. Нашето прашање беше дали, со оглед на драматичниот раст, не се размислува во најновиот повик овој услов да се смени и да се одреди како лимит некоја повисока цена, како критериум за да може да се учествува во проектот.
Но, од Финансии велат дека мора да го почитуваат Законот за субвенционирање на станбените кредити, кој уредува дека еден од критериумите е цената на станбениот квадрат да не биде повисока од 900 евра.
„Условите за користење на субвенциониран кредит се дефинирани во Законот за субвенционирање на станбен кредит. Во член 6 од Законот е дефинирано дека субвенционирање на станбен кредит може да се користи само доколку продажната цена на м2 корисна станбена површина со вклучен данок на додадена вредност не надминува 900 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на денот на поднесувањето на барањето за субвенционирање на станбен кредит“, се вели во одговорот кој го добивме од Министерството за финансии.
К А К В А Ќ Е Б И Д Е К А М А Т А Т А
Во очи на објавувањето на јавниот повик, поставивме и друго прашање, а тоа е дали, со оглед што Народната банка веќе на два пати по ред ја зголемува основната каматна стапка, ќе се зголемат и каматните стапки во проектот, пред се висината на фиксната каматна стапка и периодот во кој ќе трае.
„Каматната стапка на субвенционираниот кредит од проектот Купи куќа, купи стан се дефинира со Законот за субвенционирање на станбен кредит и таа во неколку наврати беше променета со нејзино намалување. Во првите три години од реализација на проектоткаматната стапка изнесуваше 4,99 отсто, а по истекот на тој период, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу за 10 отсто. Потоа, се унапредија условите за обезбедување сопствен дом, се воведоа нови модели и поволности за субвенционирање, се олеснија условите за отплатата на кредитот. Најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит. За субвенционирање на рата од кредит во првите три години, каматната стапка се намали од 4,99 на 2,9 отсто годишно, а во наредните две години, каматната стапка се намали од 5,5 на 3,9 отсто. Во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намали и изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. на годишно ниво, во текот на целото времетраење на отплата на кредитот“, објаснуваат од Финансии, што упатува на тоа дека во новиот јавен повик не би требало да се очекува зголемување на сега дефинираните каматни стапки.
У С Л О В И И М О Д Е Л И
Инаку, во Законот се дефинирани моделите на субвенционирање во зависност од возраста на барателите и намената на кредитот.
Притоа, првите модели се за субвенционирање за млади лица до и со наполнети 35 години, односно физичко лице кое е во брачна заедница во која барем едниот брачен другар е на возраст до и со наполнети 35 години.
Кај нив е одредено дека за купување на нов стан, Владата ќе плаќа 70 отсто од месечниот ануитет во првите пет години од отплатата на кредитот или 70 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, т.е. не повеќе од 8.750 евра во денарска противвредност.
Потоа, за изградба или купување на нова куќа, Владата ќе плаќа 60 отсто од месечниот ануитет во првите три години, 50 процентиво следните пет години и 40 отсто во следните три години од отплатата на кредитот или 100 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, односно не повеќе од 12.500 евра во денарска противвредност.
Во овие модели влегува и надградба, односно доградба на посебна станбена единица во рамки на куќа, каде Владата ќе плаќа 50 отсто од месечниот ануитет во првите три години, 40 отсто од месечниот ануитет во следните пет години и 30 отсто во следните три години од отплатата на кредитот или 100 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, односно не повеќе од 12.500 евра во денарска противвредност.
Вториот вид на модели, пак, се оние кои се однесуваат на субвенционирање физички лица со возраст над 35 години.
Кај нив, за купување на нов стан, Владата ќе плаќа 50 отс од месечниот ануитет во првите пет години од отплатата на кредитот или 50 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит, т.е. не повеќе од 6.250 евра во денарска противвредност.
Потоа, за изградба или купување на нова куќа, Владата ќе плаќа80 отсто од месечниот ануитет во првите пет години од отплатата на кредитот или 80 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит т.е. не повеќе од 10.000 евра во денарска противвредност. Додека, пак, кога станува збор за надградба или доградба на посебна станбена единица во рамки на куќа -Владата ќе плаќа 75 отсто од месечниот ануитет во првите пет години од отплатата на кредитот или 75 отсто од учеството кое не смее да надмине 25 отсто од максималната субвенционирана вредност на станбениот кредит т.е. не повеќе од 9.375 евра во денарска противвредност.
Фактор го праша Министерството за финансии и зошто за претстојниот јавен повик се одлучи да биде последен, а нивниот одговор упатува на тоа дека тој веќе ги постигнал очекуваните ефекти, а и самите банки сега веќе нудат доста конкурентни станбени кредити.
„Проектот Купи куќа, купи стан се реализира 10 години и со него се постигна значајно унапредување на станбеното кредитирање од страна на комерцијалните банки, кои сега нудат веќе станбени кредити со рекордно ниски камати и многу поволни услови, како и период на фиксна каматна стапка која сега изнесува и до 10 години, а кога стартуваше проектот таа се применуваше во период од една до две години. Спроведувањето на проектот овозможи над 2.000 домаќинства да се стекнат со сопствен дом, што беше и цел на проектот да овозможи на домаќинствата кои имаат средни и пониски примања да можат да дојдат до свој ‘кров над главата’. Во овој период се одобрени вкупно 2.010 барања за субвенциониран станбен кредит, а одобрените кредити се во вкупен износ од над 73 милиони евра. Одобрените субвенции со кои се помогнати овие семејства изнесуваат 18,3 милиони евра. Владата на седница на почетокот на април усвои информација за спроведување на проектот Купи куќа, купи стан и согласно усвоената информација Министерството за финансии во текот на 2022 година треба да го објави јавниот повик, кој ќе биде последен во рамки на проектот“, објаснуваат од ресорт за финансии.
Овој проект го стартуваше претходната владејачка гарнитурата, а новата владина постава го продолжи неколку години, но оваа 2022 година тој дефинитивно ќе заврши.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.