ЗА КОЛКУ БАНКАРИТЕ ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМАТ НИВНИТЕ КАМАТИ - велат: Сигурно ќе биде, ама процентот не го откриваат
Објавено во: Финансии 25 Ноември, 2022
Банките дефинитивно ќе ги зголемат каматите по најновото заострување на монетарната политика од централната банка, ама не кажуваат за колку.
Но, она што е факт, е дека сите договори за кредити кај кои е одредена фиксна каматна стапка, или за периодот за кој таа е предвидена, во тој тајминг нема да претрпат промени. Но, затоа промени ќе има кај новоодобрените банкарски кредити.
Ова следува по најновото зголемување на основната камата од Народната банка пред околу една недела, кога таа во еден наврат порасна како никогаш досега, односно за 0,75 процентни поени, достигнувајќи 4,25 отсто, или дојде на високо ниво кое го немала веќе 14 години наназад.
Фактор испрати прашања до Македонската банкарска асоцијација, за тоа како ја коментираат најновата одлука на НБМ, но и кога и за колку ќе ги зголемат каматните стапки. Од МБА не се многу издашни и прецизни во одговорите, но не негираат дека ќе мора да има зголемување на каматните стапки. Веќе е зголемена и затезната камата.
Да одме со ред. Ја прашавме Македонската банкарска асоцијација како ја коментираат одлуката на НБМ да ја зголеми основната камата за 0,75 пп во еден наврат и фактот што таа достигна 4,25 отсто, ниво за прв пат толку високо во 14 години, но и дали ова не беше преостар потег на централната банка.
„Народната банка ја дефинира промената на основната каматна стапка како најзначаен инструмент на монетарната политика, а нашите членки, банките и штедилниците, ги следат сигналите и во зависност од поставените односно реализираните деловни годишни цели, вршат прилагодување на каматните стапки на производите кои ги нудат на пазарот“, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Прашавме и како ќе реагираат банките на ова зголемување, односно дали тие и досега, со претходните зголемувања на основната камата, ги зголемија каматните стапки, а што ќе прават сега со ова најново последно зголемување за 75 базични поени.
„Евидентна е нагорна
корекција на каматните стапки и на депозитите и на кредитите и неспорно е дека
зголемување на основната каматната стапка на 4,25
отсто ќе
доведе до понатамошно зголемување на каматните стапки“, е
одговорот од банкарскиот еснаф.
Фактор се интересираше и дали веќе се зголемија каматите на штедните влогови и за колку, дали ќе се зголемат сега, но и колку ќе се покачат каматните стапки на кредитите, и конкретно од кога банките планираат такво нешто.
„Производите кај кои каматната стапка содржи две компоненти односно варијабилен дел поврзан со движење на одредена референтна каматна стапка секако ќе претрпат промени, остануваат исти само кај производи со договори со фиксна каматна стапка, во дефинираниот период“, е банкарскиот одговор.
Веројатно ова го сметаат и како одговор на нашето прашање дали ќе се стегне кредитирањето и кои кредити најмногу ќе настрадаат, односно дали корпоративните, потрошувачките или станбените кредити.
Кога станува збор за казнената камата, од МБА велат дека референтна стапка за пресметување на стапката на казнената камата веќе претрпе промена за 0,75 пп и сега изнесува 2 отсто, па членките на Македонската банкарска асоцијација се обврзани неа да ја применуваат.
Ги прашавме банкарите и какви се нивните очекувања, во смисла кога ќе се стабилизира целата состојба, односно инфлацијата да се намали и НБМ постепено да почне да ја враќа надолу основната камата, на што тие не упатуваат на проекциите на Народната банка, кои се на линија дека инфлацијата ќе се стабилизира на нивото од 2,4 отсто и 2 отсто во 2024 и 2025 година, соодветно.
Досега, барем поголемите банки, на своите веб страници немаат известување за позначајно менување на нивните каматни стапки. Кога тоа ќе се случи, не даваат прецизни информации.
Според последната статистика, пак, од Народната банка, која датира заклучно со септември, периодот до кој основната камата на НБМ со претходните зголемувања достигнала до 3,5 отсто, немало покачување на каматните стапки кај вкупните кредити и депозити, а имало кај новоодобрените и новопримените. Треба да имаме предвид дека во таа статистика не се опфатени октомври и ноември, како месеци во кои беше највисока инфлацијата и зголмувањето на основната камата.
Односно, во септември годинава, каматата на вкупните кредити била на нво од 4,35 отсто, што е исто ниво со јануари годинава, додека, пак, каматната стапка на новоодобрените кредити изнесувала 4,09 отсто, што е извесно но не преголемо зголемување во однос на 3,84 отсто во јануари, односно зголемувањето е за само 0,25 процентни поени.
Кога станува збор за депозитите, пак, вкупните депозити на крајот на септември годинава имале камата од 0,7 отсто, дури и малку пониско ниво од 0,71 отсто во јнуари, додека, пак, кога станува збор за новопримените депозити, тие на крајот на септември имале стапка од 1,07 отсто, додека во јануари таа била 0,53 проценти, или зголемувањето е за 0,54 процентни поени, или ова е веќе двојно зголемување.
Што знчи дека годинава има извесен раст кај каматите на новите кредити и депозити, но тој е далеку понизок од зголемувањето на основната камата на централната банка.
Н.Н.Ф.